Мицкоски: Одбивам победа на ВМРО-ДПМНЕ по цена на човечки животи

Ако еден човечки загубен живот е цената со која што треба ВМРО-ДПМНЕ да победи на следните предвремени парламентарни избори, а јас да го добијам премиерскиот мандат тогаш одбивам да бидам дел од таквата процедура, изјави Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО – ДПМНЕ по лидерската средба.

– Така и ја почнавме денешната лидерска средба бидејќи тоа е во согласност со сите ставови кои што изминатите денови политичките лидери на политичките партии излегуваа во јавноста дека не е важен изборниот процес, не се важни изборите, туку важно е пред и над се здравјето на граѓаните. Тоа беше нашата позиција од самиот почеток. Имаше и такви позиции кои што го определуваа датумот, а потоа велеа дека Комисијата за заразни болести треба да каже дали и како ќе се спроведуваат мерките, дали и како ќе се спроведуваат изборите, што го оценивме како политичка партија и јас како учесник на состанокот како незрело и несериозно – рече Мицкоски.

Тој додаде дека на средбата предложиле план како да дојдеме до кредибилен изборен процес, а притоа здравјето на граѓаните да не биде загрозено.

– Предложивме план во неколку чекори и тоа најпрвин ако се водиме од ставот дека здравјето на граѓаните ни е најважно, тогаш треба да се консултираме со Комисијата за заразни болести и никој од нас не треба да го проблематизира нивното мислење во насока на тоа кога ќе одлучуваат дали и какви мерки треба да се спроведат. Потребно е да имаме фер и кредибилен изборен процес и мерките кои што ќе бидат во текот на тој фер и кредибилен изборен процес навистина да гарантираат фер и кредибилен изборен процес. Втората работа е консултации со ДИК за времето неопходно да се спроведе овој фер и кредибилен процес под услов првиот чекор да биде исполнет. Понатаму да се оствари комуникација и контакт со  ОБСЕ и ОДИХР во делот на организирање на набљудувачка мисија. И како четврта точка откако ќе ги имаме овие константи тогаш ќе можеме да зборуваме за прва возможна дата кога ќе се случат изборите – изјави Мицкоски.

Во воведниот дел од лидерската средба претседателот Пендаровски побарал од присутните да го дополнат дневниот ред.

– Јас земав збор и предложив  содржината на дневниот ред биде дополнета со уште една точка, а тоа проблемите кои што ние ги имаме со нашиот источен сосед во делот на негирање на идентитетот, на идентитетските прашања, што објективно може да биде реална пречка за напредокот на Република Македонија во евроинтеграциите. За жал немаше консензус, односно претседателот на СДСМ одби да разговара за оваа точка да биде дел од дневен ред. Жалам што ја испуштивме оваа можност заеднички да еднаш изградиме консензуален став околу националните приоритети кои што понатаму треба да ни бидат водилка како ќе пристапуваме кон ЕУ. Се надевам дека ќе се осмелат и охрабрат во некоја наредна средба да заеднички усвоиме став и позиција со која што ќе настапуваме во иднина во процесот на преговори – додаде Мицкоски.