Мицкоски: Паднаа маските, несреќата на народот лежи токму во Зоран Заев

85

Народот се спротивставува на пеплосувањето и уништувањето кое го прават луѓето од Власта. Народот е против деспотизмот на Заев кој е лидер на СДСМ, во исто време премиер, а денес официјално дознаваме дека ќе биде и министер за финансии, напиша на својот фејснук профил лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, откако беше објавен списокот со новите министри во владата на премиерот Зоран Заев.

Имено, ткн „метла“ којашто Заев ја најави уште кон крајот на април по лошите резултати на владејачката коалиција предводена од неговата СДСМ на претседателските избори, резултираше со само промена и рокади на осум ресори во министерскиот кабинет, при што премиерот се реши да му се заблагодари на досегашниот министер за финансии Драган Тевдовски и да ја преземе неговата должност.

„Ако овој претходниот за финансии му беше маска, денес гледаме дека веќе таа маска ја нема, а виновникот за целата сиромаштија и несреќа на народот продолжува да биде Зоран Заев. Само сестеснува кругот на криминалот и на тоа дека сите пари одат кај Вицето.

Бидејќи несреќата на народот лежи токму во Зоран Заев кој насекаде околу себе поставува клонови кој и самите си велат дека потполно се исти како нивниот лидер. Ова го збореше и Пендаровски кому гледаме дека не му е јасно чив бил Гоце, а Гоце Делчев е нашиот непокор, сила и херој кој го има во нашата химна.

Клучот на неуспсите не им се ниту ЕУ, ниту нашите соседи, туку Зоран Заев.
Власта која тоне во сопствената жива кал не е способна да изменаџира ниту еден процес до крај, постојано наоѓа изговори, оправдувања за своите неуспеси, а единствениот одговор на сето ова е народот кој ќе ги порази“, Мицкоски.

Министерствата за финансии, за животна средина и просторно планирање, локална самоуправа, култура и за политички систем и односи меѓу заедниците, се клучните ресори во кои ќе бидат заменети функционерите, соопшти во неделата премиерот Зоран Заев од Валандов кога потврди дека  предлогот за владината реконструкција го доставил до Собранието.

Клучна промена е направена во министерството за финансии каде што на местото на досегашниот министер Драган Тевдовски ќе застане премиерот, при што не ја исклучи можноста да го води министерството задолжено за државната каса до следните парламентарни избори.

„Обврската за министер за финансии, покрај премиерската функција ќе ја вршам јас одреден период. Оваа одлука ја донесов заради тоа што оваа година ќе биде година за економијата. Влегуваме комплетно со сите свои перформанси. Тевдовски останува да работи околу мене, веројатно и како советник во тој дел. Следуваат храбри решенија и храбри одлуки, каде бенефит треба да имаат сите граѓани и во делот на социјалниот аспект и во делот на земјоделието и пензиите и платите. Кога веќе се решени сите големи политички прашања на нашата земја останува да го зголемиме економскиот стандард, изјави Заев.

Како причина за оваа промена Заев изјави дека откако се решени сите големи политички прашања останува како обврска на Владата да го зголеми економскиот стандард и главна задача е раст на платите, пензиите и капиталните инвестиции за подиректна осетлива благосостојба за сите граѓани .

„Главна задача е порастот на платите, не само во делот на здравството и здравствените работници. Од септември и на голем дел и на целата јавна администрација се качуваат платите. Сакаме да направиме квантен скок на севкупното зголемување на платите. Овде ќе преземеме одредени чекори, кои треба дефинитивно да го направат квантното чекорење кон подобро и повисоко ниво на севкупните нето плати кои се земаат во Република Северна Македонија“, изјави Заев.

Покрај оваа промена, смена има и во министерството за земјоделство, каде на испразнетото министерско столче ќе седне Трајан Димковски кој претходно беше шеф на кабинетот на досегашниот министер Љупчо Николовски. Димковски додека СДСМ беше во опозицијата бил во Советот за земјоделство и рурален развој, а Николовски замина од позицијата оти стана генерален секретар на владејачката партија.

Досегашниот министер за животна средина Садула Дураку добива трансфер во новото министерство за политички систем и односи меѓу заедниците. На неговото претходно министерско столче ќе седне Насер Нуредини. Нуредини е инвестициски банкар и финансиски советник за банкарство во Лондон и во Виена.

Нов министер за култура ќе биде Хисни Исмаили чие претходно работно искуство е професор на Медицинскиот факултет на Тетовскиот универзитет. Пред еден месец од министерството за култура оставка си даде Асаф Адеми. Адеми тогаш рече дека одлуката ја донеле заедно со лидерот на партијата Африм Гаши, појаснувајќи дека на 22 април побарал од него да се повлече поради здравствени причини. И Исмаили доаѓа од редовите на партијата на Гаши, Алтернатива, што значи дека министерството останува кај истиот коалициски партнер.

На позицијата министер за локална самоуправа на местото на Сухејл Фазлиу, ќе дојде лидерот на ЛДП, Горан Милевски, кој досега беше пратеник од владејачкото мнозинство, а на негово според најавите ќе дојде пратеник од редовите на СДСМ.

Разрешени се и вицепремиерот за спроведување на рамковниот договор Хазби Лика и министерот без ресор задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима Зоран Шапуриќ.

„Предлогот денеска ќе биде доставен до Собранието и верувам дека следната недела ќе биде ставен на дневен ред,“ изјави Заев.

По реконструкција на Владата, премиерот најави дека ќе следуваат и промени во вториот и во третиот ешалон, со кои треба да бидат опфатени директори и членови на управни и надзорни одбори во јавните претпријатија.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.