Мицкоски: Планот за справување со енергетската криза е преку набавка на двојно поевтина струја, ставање во функција на сите домашни капацитети и законски измени за јавните претпријатија

-Денеска со тимот претставници на највисокото раководство на партијата и голем дел од градоначалници имавме состанок со раководството на Сојузот на стопански комори на Македонија. Разговаравме за актуелната состојба во државата, предизвиците со кои што се соочува бизнисот и дојдовме до заклучок дека состојбата е алармантна, истакна Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

-Наш заклучок како политичка партија е дека во овој момент работите се ставени на стихија. Понижувањата и коленичењето и молењето по околните држави, па и тие во поширокиот регион, стануваат безмислени и навредувачки за македонските граѓани, бидејќи судбината не ја контролираме самите туку е во рацете на други околни држави. И во име на тоа донесовме заклучок на овие средби со бизнис заедницата дека полека, но сигурно оваа безидејност во енергетиката и енергетската криза која што веќе е присутна кај граѓаните и бизнисот полека, но сигурно се трансформира во финансиска криза, а доказ за тоа е цунамито финасиско што владата вчера ни го приреди со оној заем кој што во наше име го зема друга банка на друга држава, со катастрофални услови.

-Во име на тоа изминатиов период разговаравме, планиравме, креиравме решенија, се консултиравме и со останатите стопански комори и нашиот план го претставивме пред раководството на Стопанската комора на Македонија, не само пред Сојузот на стопански комори. Предлогот предвидува ставање во функција на сите производни домашни капацитети, а притоа ги ставаме на располагање сите контакти што ги имаме надвор од земјата во Европа и пошироко да обезбедат ресурс, доволен производните капацитети да обезбедат електрична енергија што ќе биде за бизнис заедницата, ќе повторам за стопанството која што ќе биде двојно поевтино, најмалку двојно поевтина, потенцирам, поевтина од таа што денеска стопанството ја плаќа споредена со референтната берза HUPX. А, воедно да обезбедиме ресурс со кој што корисниците на централното затоплување во градот Скопје нема да добијат покачени сметки за топлината која што ќе користат и со кои што ќе ги затоплуваат своите домови.

-Сите контакти кои што ги имаме на располагање, кои се последица на нашиот животен пат, успеваме да ги исконтактираме изминатиот период и ги ставаме на располагање на бизнисот, а се со цел да помогнеме да најмалку 650.000 наши сограѓани кои работат во приватниот сектор, да ги задржат своите работни места имајќи предвид дека големи производствени капацитети своето производство го ставија во мирување и голем број граѓани ги изгубија своите работни места. Меѓу поголемите тука би ги вброил Фени комбинатот во Кавадарци, Бучим – Радовиш, но и останати комбинати кои што значително учествуваат во зголемувањето на БДП, рече Мицкоски.

-И вториот предлог е дека ќе бараме измена на Законот за енергетика, што ќе биде доставен до крајот на оваа недела или на почетокот на следната недела во собраниска процедура. Ќе побараме сите претпријатија кои вршат јавна дејност во делот на комуналните услуги, водостопанството, но исто така и објектите во образованието, во јавното здравство да бидат вратени онаму каде што им е местото, на регулиран пазар. Зошто ова го велам? Доколку продолжат вака да функционираат овие три групи на субјекти тоа ќе значи дека сите оние претпријатија кои вршат јавна дејност, без разлика дали е комунална или водостопанска коишто ќе ги декларираат своите трошоци пред РКЕ, по сила на правилникот ќе ги зголемат своите цени за најмалку два до три пати, а тој шок ќе го почувствуваат индустријата и граѓаните. Ќе предизвикаат дополнително губење на работни места и дополнително намалување на куповната моќ и стандардот на граѓаните.

-Зошто велиме за училиштата, затоа што ние не сме децата да учат онлајн туку да бидат онаму каде што им е местото, во училишните клупи. На тој начин ќе го олесниме животот и на родителите, кои денеска мака мачат доколку децата повторно учат онлајн наместо во училишни клупи да најдат кој да биде со нив додека го поминуваат времето во домовите.

-И конечно третото, јавните здравствени установи кои тонат во долгови да им го олесниме начинот на функционирање, наместо профитите да завршуваат во компании кои препродаваат електрична енергија, да можат да се ослободат од тој притисок и тие средства да ги искористат за подобрување на здравствените услуги на пациентите и нега на пациентите.

-Тоа се пораките до владата. ВМРО-ДПМНЕ од позиција на опозиција во овие тешки времиња кога државата оди директно во амбис, а имајќи го предвид фактот дека имаме една стихијна и хаотична состојба, нуди решенија како да се ублажат ефектите на оваа енергетска криза, а веќе и финансиска криза“, изјави Мицкоски.