Мицкоски: По подолго време нешто разумно од Пендаровски – граѓаните на референдум да одлучат каква ќе биде европската иднина на Македонија

Морам да признам дека по подолго време, првпат можеби, сме на иста бранова должина со (шефот на државата Стево) Пендаровски, во таа насока и јас размислувам да излезам со формулација на прашањето пред Извршниот комитет но и пред граѓаните, изјави во четвртокот претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во Кавадарци одговарајќи на прашање за изјавата на Пендаровски околу формулирање на прашањето за референдум.

Мицкоски притоа рече и дека очекува Пендаровски потоа да ги повика и другите политички партии во Македонија, доколку таа биде суштината на прашањето и да излезат на референдум.

Додаде дека тој е пријатно изненаден од ставот на Пендаровски бидејќи е позитивен за референдумското изјаснување. А, референдумот претставува највисок чин на демократијата во една држава.

„Граѓаните да одлучат дали сакаат вака асимилирани, бугаризирани, под диктат да имаат европска иднина, или пак горди, достоинствени, кога за тоа ќе се создадат услови во блиска иднина да имаме европска иднина. Европската иднина и желбата на граѓаните, но и на политичките субјекти никогаш не било под знак прашање и немало дилема, туку само патот. Е, сега за жал оваа криминална Влада за да практично добие условно амнестија од меѓународната заедница за криминалот кој што го прави, нема проблем да распродава и да удоволува на определени бирократи во нивните барања. Но, мислам дека се движиме во правилна насока и еве ова што го кажа и Пендаровски во таа насока да дадеме на граѓаните можност да одлучат каква да биде нивната европска иднина, дали ваква каква што ја нуди власта на СДСМ и ДУИ, или горда и достоинствена„, нагласи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.