Мицкоски по повод Рамазан Бајрам: Само сплотени и обединети можеме да изградиме успешна држава

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, упати честитка до припадниците на исламската вероисповед по повод празникот Рамазан Бајрам во која порачува дека само со заедништво може да се изгради успешна држава.

 

„Денешниот празничен ден претставува радост, но воедно промовира моменти на хуманост, солидарност и меѓусебно почитување. Овие вредности кои се втемелени во традицијата треба да помогнат во градење и зацврстување на соживотот и толеранцијата како основа за благосостојбата во нашето општество. Само сплотени и обединети можеме да се спротивставиме на предизвиците, да ги решаваме проблемите и да изградиме успешна држава и просперитетна иднина за нас и нашите идни генерации“, се вели во честитката од Мицкоски

Натаму челникот на ВМРО-ДПМНЕ потсетува дека сите граѓани го споделуваат тешкиот живот и оти се сведоци како се разочарани очекувањата на луѓето, како наместо вистински проекти и решенија добиваат нереален романтизам кој не носи подобар живот.

„Тие се злоупотребуваат од неодговорните политичари и не носат иднина. Иако од различни заедници и вери граѓаните имаат исти проблеми, а за нивно решавање не е е потребен романтизам туку работа, многу работа. Секојдневието полно со криминал, корупција и лош стандард еднакво ги засега сите граѓани. Затоа во овие тешки моменти и премрежија со кои се соочува Република Македонија потребно е да се почитуваме, помагаме и негуваме подобри односи со блиските и пријателите, за да можеме да се посветиме на создавање праведна, напредна и почитувана држава на среќни граѓани. Нека овие празнични мигови во денешниот ден донесат мир, радост и хармонија, но воедно и среќа и благосостојба кои ќе ве следат целиот живот, Вас и вашите семејства“, додава Мицкоски