Мицкоски победнички, уценетата „Мериот коалиција“ камен околу вратот на Заев

311

По вчерашната објава на таканаречениот „Иницијативниот одбор за свикување Вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ“, дека го откажува фиктивниот конгрес наводно закажан за 28-ми март во Скопје, станува јасно дека пропадна обидот на власта за дестабилизирање на најголемата опозицска партија, но исто јасно дека ВМРО-ДПМНЕ се ослободи од товарот на уценетите псевдополитички кадри и оти ова претставува конечно реформирање на партијата.

„Заради влошената епидемиолошка состоба и доцнењето со техничките подготовки, Иницијативниот одбор донесе одлука за одложување на закажаниот Вонреден конгрес. Иницијативниот одбор навремено ќе ги информира делегатите и јавноста откако ќе се утврди новиот термин“, стои во соопштението кое „Иницијативен одбор за свикување на вонреден конгрес ВМРО-ДПМНЕ“ во четвртокот го испрати до медимите.

Констатацијата на „иницијаторите“ за катастрофичната јавноздравствена ситуација во земјата зачудува, имајќи предвид дека во нивните претходни објави редовно даваа поддршка на власта за одржување на локалните избори, како и сега на пописот на населението, а за коишто актуелното раководство на ВРМО-ДПМНЕ, предводено од лидерот Христијан Мицкоски константно предупредува дека претставуваат загрозување на здравјето и безбедноста на граѓаните.

Но, многу веројатно е дека повлекувањето на „иницијаторите за конгрес“ во ВМРО-ДПМНЕ е резултат од преовладувачкото мнение на јавноста во врска со неодамнешниот скандал со бегството и сѐ уште необјаснетото враќање на нивниот отворен покровител Сашо Мијалков. Имено, откако истражувањата на јавното мениение покажаа дека огромно мнозинство граѓани сметаат дека ваквата шарада претставува провидно политичко пазарење меѓу поранешниот шеф на тајната полиција и актеулниот премиер, повеќе од очигледно беше наглото стивнување на активностите на „иницијаторите“. Поточно, вчерашното е всушност и нивно прво огласување во јавноста три седмици по скандалот со бегството на нивниот најголем финансиер.

Истовремено, ова откажување, можеби до следната прилика кога нивниот инспиратор Зоран Заев не процени и не се обиде дека повторно може да ги употребува овие кадри, од кои некои претставувуваа своевидни темни дамки на ВМРО-ДПМНЕ, го први „Иницијативниот одбор…“ пропадната инвестиција на власта. А самите нив ги обезоружува во обидите да истрагуваат со Заев, односно и натаму да ја играат улогата на „корисни идиоти“.

Во врска со откажување на таканаречениот вонреден конгрес, се огласи и опозициската ВМРО-ДПМНЕ којашто истакнува дека станува збор за уште еден несупешен обид на власта да инсталира контролирана опозиција.

„Ова е и најголем доказ дека ВМРО-ДПМНЕ пактови со криминал не прави но и дека луѓе кои уценети одработуваат за Заев не може да бидат иднина. ВМРО-ДПМНЕ е реформирана и прочистена партија од компромитирани кадри кои решија да му служат на Заев. Ништо од приказните и лагите дека имале мнозинство делегати па дека нив им била намерата да направат промени во опозицијата со тезата Заев е добар, а ВМРО-ДПМНЕ не чини“, наведуваат од опозициската партија.

Од ВМРО-ДПМНЕ истовремено посочуваат дека се отворени за сите „чесни и добронамерни луѓе и единствена цел останува пораз на Заев и одговорност за неправдите и криминалите“.

Откажувањето на „вонредниот конгрес“, исто така, претставува победа на лидерот Христијан Мицкоски и покрај континуираните обиди на СДСМ од позиции на власт да го поткопува ВМРО-ДПМНЕ со директни напади врз него. Со таквите постапки Заев само ја повторува матрицата на дејствување на социјалдемократите уште од почетокот на 1990-те кон нивниот најголем противник на домашната политичка сцена. Меѓутоа, Заев ја повторува и историјата по одредените куси бранувања преку инструментализирани или инфилтрирани одредени персони во редовите на политичкиот опонент, всушност да ги хомогенизира редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Истовремено, станува збор за своевидно „дежа-ву“ во обидите на СДСМ своите катастрофални политики и непрестајното дневно продуцирање на скандали и афери да ги „покрива“ со уценување и бескрупулозно искористување на одредени лица. Но, овојпат, обидот на Заев да си исконструира контролирана опозиција според негова мерка, веројатно ќе стане и негов проблем, односно овие веќе компромитирани „кадри“ ќе останат негов товар, како што своевремено му порача Мицкоски.

„Барем во изминативе месеци му ги видовме сите адути и оние скриени слуги во опозицијата. Остана верно ВМРО-ДПМНЕ на народот. Еден новинар ми вели сега сите се качија на еден ист брод, се собра дружината. Уценуваните и уценувачите. А Заев сакајќи да наштети на ВМРО-ДПМНЕ си стави уште еден тег на ногата. Епа, Заев со здравје да си ги носиш. Си одговарате и по криминалот и по нечесноста. Ви кажувам сега доаѓа ураганот од народ кој ќе го потопи тој брод на кој сте собрани топтан“, му порача Мицкоски на Заев во февраури годинава во своето обраќање на редовната конференција на Унијата на жените на партијата.

Кога станува збор, пак, конкретно за ситуацијата во ВМРО-ДПМНЕ и „искреноста“ на групацијата во јавноста препознавана како „коалицијата од Мериот“, многу јасно е дека таа не успеа да привлече приврзаници од партиското членство, по што оправдувањето за повлекувањето го најде во „загриженоста“ поради епидемиолошката состојба. Но едновремено тоа е и показател за политичкиот пораз на Заев бидејќи оваа група лица не можеа да го прикријат неговото покровителство уште од минатиот пратенички мандат, кога остатоците од оваа наводна партиска фракција беа со уцени принудени да гласаат за промена на уставното име на Македонија.

Спротивно, пак, тоа покажува дека Мицкоски успеа да го задржи партиското единство и да го одржи фокусот на членството кон единствената цел, а тоа е соборување на СДСМ од власт. Исто така, се чини дека изминатиот период е искористен за реформирање и реафирмирање на ВМРО-ДПМНЕ, што го покажуваат и резултатите од неколку последни анкети во коишто опозицската партија има константно солидно  водство пред владејачката. А разликата во довербата кај граѓаните меѓу двете партии допрва може да се зголемува, имајќи ја предвид низата финансиски афери и скандали кои ја тресат СДСМ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.