Мицкоски: Почнуваме со проекти веднаш, граѓаните заслужуваат прогрес и напредок

Сакаме да покажеме дека Македонија можела поинаку, народот на Македонија заслужува проекти, заслужува напредок, заслужува вистински прогрес, не оној полумафијашки прогрес кој што го гледаме од страната на Владата во заминување предводена од СДСМ и ДУИ, изјави денеска од Кисела ВОда лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Во продолжение интегрален текст и видео од изјавата на Мицкоски:

„Најпрвин голема благодарност до градоначалникот овде во Кисела Вода, што денеска еве започнуваме токму од овде од Кисела Вода со она кое што беше ветено во предизборието и за времето на кампањата на овие локални избори.

Иако во меѓувреме се правеше детална анализа за состојбата во општина Кисела Вода. Ние нема да излеземе како што претпоставува нашиот политички противник и дел од онаа јавност која го подржува нашиот политички противник, чекаше да излеземе со напади и со критики колку лошо е во општините, колкави се долговите и сето тоа, ние напротив нема да излеземе со такви квалификации.

Затоа што сите знаеме дека е лошо и нема нешто повеќе граѓаните да дознаат ако кажеме дека е лошо.

Затоа впрочем ја дадоа довербата на овие избори за градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ и за советниците и претседавачите на совет на ВМРО-ДПМНЕ во голем број.

И затоа првата работа која што ќе ја направиме е токму презентација на реализација на еден нов проект овдека на оваа фекална канализациона мрежа. После неколку децении кажа градоначалникот жителите на оваа улица 200 приклучока ќе имаат, 15 армирани шахти кои што ќе бидат дел од овој проект, 1.100 метри е должината на мрежата, ФИ – 400 полиетиленски канализациони цевки и со тоа навистина се решава еден децениски проблем кој што го имаат жителите во оваа општина и на оваа улица.

Продолжуваме со проектите, сакаме да покажеме дека Македонија можела поинаку, народот на Македонија заслужува проекти, заслужува напредок, заслужува вистински прогрес, не оној полумафијашки прогрес кој што го гледаме од страната на Владата во заминување предводена од СДСМ и ДУИ.

Така што ова е почеток во периодот кој што следи, продолжуваме со реализација на ветеното и со она кое што излеговме пред граѓаните. Наше е да работиме, нашето мото на овие избори беше политичарите не им е местото во канцелариите и во дебелите кожни фотелји, туку местото им е меѓу народот и реализација на ветените проекти. Така и ќе продолжиме, нема да кукаме колку е лоша состојбата, сите знаеме дека состојбата е катастрофална. Ајде луѓе да ги засукаме ракавите и да работиме, ако било лесно немало да бидеме ние ќе биле некои други“, истакна Мицкоски.