Мицкоски: Политичарите треба да бидат слуги на народот!

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вечерва од Велес рече дека ова се избори на кои се избира помеѓу неправдата и криминалот, од една страна и правдата, чесноста, исправена и горда Македонија, од друга страна.

„Ова се избори кога одлучуваме за иднината на нашите семејства, избори на кои треба да го обелиме образот на нашите предци, изборот сега на 15 јули  е помеѓу неправдата, омаловажувањето, и од друга страна правдата и достоинството“, рече Мицкоски.

Тој посочи дека македонскиот народ се исправувал и победувал и поголемо зло од ова раководство на СДСМ.

„Знам дека гласот на 15 јули позади параванот ќе биде многу силен. И сите оние кои корумпираа треба да знаат дека вие одлучувате сами на 15 јули позади параванот и никој не може да влијае врз вас. Овој пат треба да се обединиме и да видиме што можеме ние да направиме за Македонија, затоа ве повикувам на 15 јули да гласате за број 14“, порача Мицкоски предупредувајќи дека не треба да им се верува на оние кои се колнат во жицата, во семето затоа што тие лажат.

„СДСМ мора да заврши на срамната страна на историјата, а сега мора да испишеме нова историја. Доаѓа време на политичари кои заедно со народот ќе одлучуваат. Матрицата на СДСМ е прво, предизборна лага и таа е толку голема што може да предизвика некој да поверува, втората работа што ја прават е пљачка и корупција и третата работа е да го заробат правосудството“, кажа Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ потсети на распродажбата која ја направи СДСМ на сите полиња во државата, додавајќи дека тие на маса ја ставаат и  Македонија.

„Ја користам оваа прилика од Велес да ги повикам и политички неопределените и членовите на СДСМ кои не поддржуваат вакво раководство да застанат зад ВМРО-ДПМНЕ за да се спаси државата. Нас ни треба опозиција која си ја сака Македонија, а не предводена од Заев“, рече Мицкоски.

Мицкоски најави бескомпромисна борба против криминалот и корупцијата, враќање на вредностите во општеството укажувајќи дека во програмата Проект-Обнова има детали како да се подобри животот во Македонија на сите полиња и за сите.

„Сите кои се огрешиле пред законот сите ќе одговараат, не може неправдата да царува, не може криминалците да бидат главни во општеството, а младите да заминуваат од Македонија. Обновата подразбира и вредности како трудељубивоста, хуманоста, желбата да се помогне, овие вредности се подзаборавија и мора да ги вратиме. Ви ветувам дека повеќе никој нема да владее со народот, доста е од политички елити. Политичарите треба да бидат слуги на народот. Затоа сега треба сите да се обединиме. Победува Обновата на 15 јули, следат најдобрите години за овој честит народ. А за обновата на Македонија имаме многу внимателни мерки и политики во читанката Проект – Обнова со посебен акцент на правосудството, правото и правдата“, порача Мицкоски.