Мицкоски: Попис со отисок, нема порелевантен показател за тоа кој е тука кој не

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во гостувањето во „Прашањето ми е следно“ на порталот Инфомакс истака дена ВМРО-ДПМНЕ бара попис со отисок, кој ќе даде реална статистика, а е можен затоа што со истиот механизам треба да има локални избори, и не е јасно зошто не се набави порано.

– Ние предлагаме да има терминали за отисок на прст. Имаме закон во кој што следните локални избори мора да набавиме терминали каде граѓаните наместо она прскање спреј, ќе дојдат и ќе го стават показалецот на тој терминал и врз основа на тој отисок на прст, практично ние ќе знаеме дали тој граѓанин е тука или не. Ако не е тука за пописот кога двајцата попишувачи ќе го посетат дома, тогаш ќе има можност да појде во рамките на општината и таму да се попише. Од тоа нема порелевантен показател, истакна Мицкоски.

Тој посочи дека СДСМ сее обидува да шири лажни вести плаќајќи со многу пари албански медиуми да шират тези дека ВМРО-ДПМНЕ сака да покаже дека има помалку од 20% Албанци.

– Немаме таква намера. Сите се согласивме политички чинители дека ова е статистичка операција. Јас сакам да знам како идна власт со што располагам во Македонија, дали се 2 милиона луѓе, дали со 1,5 милиони. Дали има 2.000 инженери или 500, дали има 3.000 адвокати или 1.000, колку луѓе се во станови колку во куќи. Сакам да знам точна бројка затоа што утре ќе преговараме со некој инвеститор да дојде во Македонија. Може да мислиме дека во Полог има 300 илјади жители, а може да испадне дека нема повеќе од 100 или 150 илјади, или пак дека во струмичко и радовишко се 150 илјади, а во суштина може да не се повеќе од 70 или 80 илјади, потенцира Мицкоски.

Тој нагласи дека се бара оваа статистичка операција да гарантира резултати кои ќе бидат применливи и употребливи, а вака како што е предвиден пописот, нема да бидат применливи и ВМРО-ДПМНЕ нема да ги признае.

Затоа многу е важно овој процес да биде спроведен како што треба и не смееме да си играме со оваа операција, заклучи Мицкоски.