Мицкоски ѝ порача на Бугарија да не се надева на ретуширање на историјата со помош на квислинзи

Ако мислите дека преку поддршка на квислинзи во Македонија ќе успеете, се лажете, ниту тој ниту оваа влада ќе направи ретуширање на историјата. Овој наш протест овде денес е повеќе од партиски, овој наш протест е на народот против лошите политики кои носат лош живот и урнисано достоинство. Заедно заедно ќе победиме, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на протестот пред Владата.

„Би сакал само уште четири пораки во ова мое денешно обраќање. Првата порака е до политичарите кај нашиот источен сосед. Ако мислите дека измисливте, пронајдовте или подржавте квислинг или квислиншка влада овде во Македонија, се лажете, ниту тој квинслинг, ниту оваа квинслиншка влада од нашата колективна меморија и од нашите срца ќе ја избрише улогата, ликот и делото на Даме, на Гоце, на Питу, на Хаџи Арсов, на Хаџи Николов, на Поп Арсов затоа што тие се бореа за нова современа македонска држава“, истакна Мицкоски.

Посочи дека сака да им се обрати и на бугарските политичари кои го обвинуваат за антибугарска кампања во Македонија.

„Затоа оваа порака ја упатувам до политичарите кај нашиот источен сосед,, наместо да велите дека Мицкоски предводи анти-бугарска хистерија во Република Македонија, најдобро би било да дојдете овде при првата посета недалеку од зградата на Владата, пред оној споменик на паднатите борци од народноослободителната борба, да клекнете, да го следите примерот на Вили Бранд и да се извините на овој народ тоа што сте му го направиле, ова е вашата последна шанса. А јас како претседател на ВМРО-ДПМНЕ предводам Македонска хистерија и нема да престанам да ја ширам таа македонска хистерија“, порача Мицкоски.