12.8 C
Skopje
четврток, април 25, 2024

Мицкоски: Последни сме во Европа според индексот на човечки капитал на Светска банка

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на својот Фејсбук профил објави статус поврзан со лагите на Заев.

-И додека премиерот Заев вели дека блескаме во Светот, Светска банка го вели спротивното. Наспроти разубавената реалност која Владата ја продава преку владината машинерија, вистинската вистина говори дека Македонија се наоѓа на последното место во Европа по иднексот за глобален развој на Светска банка каде се разработува индексот за човечкиот капитал (HCI). Македонија е на 88-то место, позади Косово кое е на 80-та позиција, Црна Гора на 59, Босна и Херцеговина на 58, Албанија на 56, Бугарија на 44, Хрватска на 36-то место, а Србија е на 27-мо место. Веднаш до Македонија е Никарагва, Кенија, Панама и Таџикистан. А подобри од нашата земја се Шри Ланка, Еквадор и Оман. Со оваа анализа се мери колку земјите губат од економската продуктивност поради недоволното вложување во своите луѓе. Индексот на човечкиот капитал, покажува дека дете родено во Македонија денес ќе достигне 53 проценти од својот потенцијален човечки капитал кога ќе порасне, во споредба со она што би можело да го достигне доколку има квалитетно образование и биде потполно здраво.

Македонија бележи пад од 21 место споредено со претпоследниот индекс за човечки капитал, што значи дека состојбата од година во година се влошува.

Она што Заев го вели блескање, е всушност назадување.

Македонија станува земја каде владата не вложува во иднината на своите граѓани, токму затоа има и иселување. А иселувањето создава и економски проблеми.

Поразителни податоци и поразителна слика за Република Македонија.

Ова за жал е вистинската реалност.

Затоа наместо премиерот да си ја потпевнува на митинзи Stranger in the night, време е да ја научи Wind of change, а поради ова и се друго лошо што и приредија на Македонија оваа песна ќе му ја испее народот на 21 април и на 5 мај оваа година, стои во неговиот пост на Фејсбук.