Недобивањето на датум за избори е лоша и непосакувана вест за Македонија. Треба да бидеме свесни дека државата влегува во разочарување и сето ова е последица на погрешните политики водени во последните неколку години, истакна во денешното обраќање претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Ќе се согласам дека ваквата одлука за недобивање датум е пораз, но тоа не е пораз на македонскиот народ и граѓаните на Македонија, тоа е пораз на политиките на Зоран Заев и оваа власт. Тоа е политика без концепт, без визија, со многу криминал, корупција, арамилук, неработа и измами. Оправдано се добива чувството кај граѓаните дека таа политика не втурна во бесконечен круг на многу откажувања, многу отстапки, себепорекнувања, подголтнувања, за да на крајот сето ова да заврши со неуспех. Македонија има пријатели во Европа, а Европската Унија продолжува да биде наша стратешка цел, и мора да се биде самокритичен и да се признае дека нема датум за отпочнување на преговори затоа што нема реформи. Затоа што народот живее тешко и нема друга држава каде криминалот царува со системот. Имаме систем во распаѓање и власт која што не испорачува правда туку е заштитник на неправдата, вели Мицкоски.
Посочи дека ја разбира разочараноста која се јавува кај голем број од граѓаните на нашата држава, и ова не е последица на само една погрешна одлука на Зоран Заев и оваа влада, туку перманентно погрешни одлуки на кои укажувавме и апелиравме да не се прават, а тие своеглаво продолжија да управуваат кон ѕидот кој се испречува пред нас.
Тој ѕид не е направен од тули созидани од Европа за нас, туку ѕид составен од погрешни одлуки и политики на оваа Влада предводена од Зоран Заев. Не смееме ова разочарување да го храниме со други штетни одлуки. На народот му е преку глава од политиканство и надмудрување помеѓу партиите. И немам намера да кажувам колку сме биле во право кога викавме да не се прават авантури на власта кои не внесуваат во самооткажувања, штетни процеси, договори и амнестирања на скандали и афери. Кога ги рушеа преговарачките позиции на земјава стекнати со години и генерации политичари, за да можат да се одржат на власт и да си го амнестираат криминалот од минатото. И кога велев да не им веруваме кога не убедуваа дека Заев ќе омекнувал срца на европски политичари и кога тврдеа за референдумот лани дека бил за ЕУ, а не за името, за лажните ветувања и лажните надежи за живот, разно разните рекети, крвави тендери, криминални иновации, сето тоа го испорачува сега цехот, времето покажува дека сме во право тоа што го говоревме, но сите ние немаме ништо од тоа, штетата веќе е направена. Затоа ќе ми дозволите малку да зборувам за иднината. Ќе бидам многу искрен и отворен, јас немам намера понатаму да влегувам во игра на покажување на показалецот и докажувања за тоа кој е крив, а кој бил во право, или да отпочнам некоја си битка за лов на виновници. Исто како што не ни треба маскирање на неуспехот. Не е време за тоа, а на народот му е се јасно и се гледа. Нашиот народ вели секое лошо за добро да е. А, јас безусловно и бесконечно верувам во македонскиот народ и граѓаните на Македонија., нагласи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, во животот секогаш има избор, и ова не е крајот, туку почеток на промените кои мора да се случат. Треба да излеземе посилни и помудри од секој еден неуспех. Македонија е европска земја, а Европската Унија е наша заедничка цел.
И покрај големата разочарност, сакам да испратам порака дека нема време за губење и Македонија го нема повеќе луксузот да загуби ниту еден ден, ниту еден час повеќе. Нема време ниту за оние помалку чудни анализи за душата, срцето и петата, и други вакви комични испади, ниту пак за некои други дежурни адвокати на Заев кои се мешаат во туѓите дворови. Ова е наша земја, а тука граѓаните се главни. Оваа власт ќе биде заменета и ќе потоне во заборав и тоа е секому му е јасно. Народот бара и посакува предвремени парламентарни избори, исто како и јас, тоа е единствено логично и посакувано решение за да се надмине кризата и оваа повеќе неодржлива ситуација. Колку и да се противи власта избори ќе дојдат, а со тоа доаѓа и политичкиот крај на Зоран Заев. Во тој меѓу период потребни се реформи. Коренети и брзи реформи, кои што ВМРО-ДПМНЕ ќе предложи план во најкус можен период консултирајќи ги експертите и употребувајќи ги сите свои капацитети кои што ги има на располагање. Овие реформи треба да ги спроведе влада, составена од силни индивидуи, со богато лично, стручно портфолио кој ќе го дадат својот максимум служејќи и на државата. Време е за мудри, логични и одлучни одлуки. Повикувам на средба на државниот врв на која ќе се диксутира за сето ова, а пред се за иднината на Македонија. А, Македонија е пред крупни одлуки кои ќе донесат промени и има иднина за која сите заедно ќе се избориме бидејќи доаѓа обновата. Изборите се важни, но не по секоја цена да се дојде на власт, туку се потребни за да покажеме на светот но и кај разочараните кои ги разбирам совршено дека можеме подобро, можеме поинаку и дека има надеж, Македонија ќе успее, нагласи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски го повика македонскиот народ и граѓаните на Македонија да ја кренат главата гордо високо, бидејќи секогаш во тешки времиња се пркосни и мудри.
Верувајте во себе, верувајте во Македонија. И верувајте во промените кои што ќе дојдат, им порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.