Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во вестите на Сител, истакна дека црната кампања на СДСМ го покажува нивниот очај и ги повика граѓаните масовно да излезат за надеж и нова иднина.
– Ова не е негативна кампања, ова е црна кампања, ова го прават луѓе во очај, луѓе коишто знаат дека ги губат изборите и на тој начин мислат дека ќе демотивираат луѓе да излезат и да биде победата на независната кандидатка Данела Арсовска поголема – вели Мицкоски.
Мицкоски посочи дека е уверен дека скопјани во недела масовно ќе излезат и ќе ја дадат поддршката за независната кандидатка Данела Арсовска и повика тоа да го направат за надеж и нова иднина.
Тој рече дека секој оној кој работел според закон не треба да се грижи, бидејќи нема да има политички реваншизам. Но, посочи тој, загрижени треба да бидат криминалците.
– Јас не сум ниту обвинител ниту судија, си има органи на прогон во државата, има обвинителство, судови, обвинителите нека обвинуваат по закон, судиите нека судат по закон. Она коешто можат градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ е да го достават тој материјал до организираниот криминал, до Обвинителството, Антикорупциска, тоа се институциите кои можат да поставуваат а јас ги охрабрувам да постапуваат по закон и да не бидат слуги на Заев, да не бидат слуги на СДСМ затоа што на тој начин си прават штета самите на себе а и на народот, бидејќи го демотивираат, обесхрабруваат дека може да имаме правна држава. Затоа, ако не постапат според закон, ќе бидеме таму каде што сме, а тоа е најкриминална и најкорумпирана држава – рече Мицкоски.
На прашањето дали ќе го обвинуваат за реваншизам, Мицкоски рече дека секој оној кој чесно работел, кој работел според процедурата и закон, не треба да се плаши, неговото работно место е безбедно – тој со својата плата обезбедувал егзистенција за своето семејство и своите деца. Но, секој оној кој не работел според закон треба навистина да биде загрижен, затоа што неговата основна битка на овие избори е конечно после 30 години криминализирање на општеството, да биде ослободено и дa се работи според закон, чесно и исполнително.
Мицкоски рече дека всушност тоа е она што новите градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ го работат, чесно, одговорно и според закон.