Мицкоски: Повлекување на законот за попис од Собранието, или ќе има мобилизација за негово поништување

504

Пописот на населението ѝ е потребен на државата, но тоа треба да биде статистичка, а не политичка операција како што ја подготвува власта, рече во средата на прес-конференција Христијан Мицкоски, челникот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ,

Мицкоски информираше дека партијата на седницата на Извршниот комитет одржана ден претходно донела заклучок за поведување иницијатива за повлекување на  предлогото за законот за попис од собраниска процедура и преку поширока дебата да се дојде до консензуално решение за начинот на спроведување на пописот на населението во земјата.

„Владејачкото мнозинство да го повлече законот за попис од собраниската дебата и да организира внатрепартиска и внатредржавна дебата на целата територија на Република Македонија, да ги обедини сите политички чинители и општествени фактори, за да се дојде до консензуално решение како треба да изгледа оваа статистичка операција“, рече Мицкоски.

Во спротивно, како што најави Мицкоски, ќе следува мобилизација на партијата и на граѓаните за собирање потписи за нов предлог-закон со кој ќе се поништи законот којшто сега е процедура. Доколку пописот, сепак, се случи резултатите нема да
бидат признаени, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

„Ќе има иницијатива за собирање потписи во Министерството за правда, предлог-закон во Собранието за поништување на овој закон кој по насилен пат владејачкото мнозинство се обидува да го донесе“, рече Мицкоски.

Рече и дека во законот кој го нуди власта е предвидено без покажување на каков и да е доказ, со едноставо диктирање на матичниот број, што е подложно на злоупотреба.

„Дали може да се случи едно лице да диктира повеќе матични броеви, без да докаже дека тие се резиденти на Македонија“, праша Мицкоски.

Повтори дека попишувањето со терминали за отпечаток од прст е вистинскиот начин за пописот да не биде злоупотребен. Притоа Мицкоски уште еднаш ги отфрли тврдењата на владејачките партии дека тоа ќе бара дополнителни средства, затоа што такви терминали ќе бидат набавени за претстојните локални избори подоцна годинава.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, притоа го критикуваше начинот на кој владејачките партии со ткн „европски знаменце“ за итност и приоритет всушност му го даваат политичкото а не статистичко значење на пописот. Мицкоски, исто така, укажа и дека многу земји од Европа, вклучително и од соседството, во услови на пандемија за една година ја одложија оваа операција, и реторички запраша зошто тогаш актуелната макеоднска власт брза со негово спроведување. Мицкоски ги наведе Германија, Шкотска, Ирска, Романија и Србија како земји кои го одложија пописот поради епидемиолошко-здравствената систуација.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.