Мицкоски: Правдата е замолчена, криминалниот октопод царува

Немајќи што, немајќи како да го пополни периодот на владеење, бидејќи нема ден да нема нов скандал, нова афера, нова информација за некој сомнително и криминално распределен тендер, па му текнало на да објави борба против лажните вести, па згора на се, се повикува да се посочат луѓето кои шират лажни вести, бидејќи како што од владата ќе кажат тие биле непријатели на демократијата, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој присуствуваше на денешното одбележување на празникот 2-ри Август Илинден во струшкото село Ташмаруниште.

Мицкоски се понуди да му помогне на премиерот велејќи дека ширач на лажни вести и главен извор на сите лаги, шпекулации, дезинформации, името на сите ни е познато, Зоран Заев и, како што рече, за жал сѐ уште е премиер на Владата на Република Македонија

„Владата која тој ја води и тој самиот е главниот извор на лажни вести. Истиот тој не убедуваше дека Македонија мината година доби датум за преговори со ЕУ, се сеќавате на она фамозно селфи во владиниот авион, насмеан вели добив добра вест. Лажеше и око не му трепна. Истиот тој не убедуваше и дека секоја година економијата ќе расте со 5 проценти, а не можеме ниту пола од тој да дојдеме, истиот тој ни велеше дека само што не дошле ФБ и Google ќе дошле да инвестираат, и голема мултинационална компанија за производство на автомобили да инвестира во Република Македонија, но еве веќе трета година гледаме освен срам, понижување, криминал, плљачкање, ниту ФБ, ниту Гугл, а богами ниту таа голема мултинационална компанија од автомобилската индустрија. Ова нели е уште едно газење на достоинството на народот и честа на нашите луѓе“, рече Мицкоски.

Лидерот на опозицијата посочи и дека не е потребно да се зборува за криминалот во земјата, и оти „правдата е замолчена, а криминалниот октопод царува“.

„Новинари се викаат на сослушување, а криминалците кои тие пишуваат се уште се на државна плата, или на чело на скапите тендери платени со државни пари. И не е проблем ниту првото, ниту второ осомничениот во случајот Рекет. Сите знаат, сите знаат во оваа земја дека ниту прво ниту второ осомничениот немаше да има никаква сила доколку неговиот грб не беа функционерите од врхушката на СДСМ, во јавноста познати како Кики, Фрики, предводени од сценаристот, режисерот и предводникот Зоки Поки“. рече Мицкоски.

Знам, подвлече тој, добро знам дека имаше и луѓе кои поверуваа дека Зоран Заев и сега компромитираното СЈО ќе донесоа некаква правда, но драги пријатели гледате дека ве разочараа.

„Сите нас не разочараа. Ова СЈО веќе не е алатка за носење на правда, туку алатка во рацете на Зоран Заев и власта за правење на неправда. Не може да се очекува правда, од нешто што не само што ја навредува нашата интелигенција туку служи и за потсмев. Па еден ден ќе слушнете како Катица го загубила телефонот, вториот ден дека тој бил кај снаата, а третиот ден таа форензички го исчистила. Се ќе направат да ја спасат од обвинение, не затоа што Заев е многу хуман а Катица невина, туку затоа што Катица премногу знае, а Заев се плаши да не проговори за сето она што го правеа со СЈО-како местеа случаи, како креираа случаи за да уценуваат бизнисмени за рекет, како креираа случаи за да можат да влијаат врз однесувањето на политичарите, како прогонуваа и заштитуваа криминал, тоа е алатката со која Зоран Заев дојде и сака да се одржи на власт. Но, сега за сето ова знае и опозицијата и дел по дел ќе знае и народот во Република Македонија“, подвлече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и додаде:

„А ако процени дека и Јанева станува штетна за премиерот бидете сигурни дека Рускоска обвинителството ќе стапи на сцена и некое утро ќе бидеме сведоци како се откажал и од Јанева, исто како што ќе се откаже и од сите други криминални ликови само да го заштити својот криминал и криминалот на своето семејство. И бидете сигури дека тоа лажно ќе сака да го прикаже како некаква борба за правда, во период кога знаат дека правдата со Заев не е можна. Заев не е во состојба да поставува услови, ниту повеќе да диктира темпо. Нему му преостанува да ги планира деновите по неговото политичко заминување. Да преиспита каде се огрешил пред законот, каков криминал сторил и колку долга ќе биде казната која што ќе треба да ја отслужи за да може колку толку да им се извини на народот и на граѓаните во Република Македонија за сите злодела кој што ги направи тој и неговите обожаватели од врхушката на власт“.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.