Мицкоски: Разговорот меѓу мене и Милески е монтиран за потребите на СДСМ

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски ја потврдува автентичноста на разговорот меѓу него и и Зоран Милески – Кичеец, што денеска беше објавен на Јутјуб, но рече дека се работи за монтажа на актуелната власт. Тој вели дека тоа е само еден разговор, а се сечеле и монтирале парчиња по потреба на СДСМ и Зоран Заев.

„Јас сум го кажал тоа и во разговорот, дека кога ја преземав ВМРО-ДПМНЕ пред точно 30 месеци, партијата беше во незавидна финансиска ситуација, со блокиран имот од истата онаа судијка Димишкова која е сестра на оној адвокат Димишков, кој го слушавме како бара шест милиони евра од познат бизнисмен за да биде ослободен од притвор. Да, во тој момент имавме сериозни потешкотии, нешто слично претпоставувам како што ќе ја затекнеме државата после 15 јули. Останатиот дел од разговорот сум го коментирал и во минатото дека мора да има правда и право, но она вистинско, а не онакво какво што му одговара на СДСМ и Зоран Заев“, истакна Мицковски.

Инаку на каналот „Рекет“ на мрежата Јутјуб денеска се појави нов аудио материјал во кој се слушаат гласовите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, осудениот во случајот „Рекет“ Зоран Милевски и женски глас за кој дел медиуми јавија дека е на Слободанка Алексовска, државна функционерка во поранешното владеење на ВМРО-ДПМНЕ и наводно вработена во „Систина“, болница во која дел од сопствеништвото е на Орце Камчев, главниот сведок во случајот „Рекет“.

Мицкоски на снимката се слуша како вели дека се договарал со некој да се види веќе извесен период, дека не успеале да се реализира средбата, но дека тој многу му помогнал за долговите на партијата.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ за МИА вели дека забелешките на ВМРО-ДПМНЕ за работата на СЈО не значеле барање начин бизнисменот Орце Камчев, осомничен во случајот на СЈО „Империја“ да се спаси од обвиненијата.

„ВМРО-ДПМНЕ никогаш не се противело на работата на Специјалното јавно обвинителство, но и во минатото и сега ќе повторам, кога тоа беше оперативно имаше сериозни индиции за злупотреба и политичко влијание“, рече Мицкоски.

Во истиот аудио материјал објавен денеска се слуша како Мицкоски вели дека предметот, без да каже кој, се уште не е завршен. Во тој контекст го споменува Законот за јавно обвинителство, со кој меѓудругото се реши и иднината на СЈО.

„Инаку, таму не е решена работата да знаете. Затоа што овој закон, ако помине вака како што мислат да помине за јавно обвинителство, тој предмет не е завршен. Напротив. Да знаете. Единствен којшто се бори во моментов сум јас“, вели Мицкоски во аудио снимката.

Законот за јавно обвинителство беше донесен во февруари годинава, по долги преговори меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ преку кои не се дојде до консензус, па законот беше донесен без гласовите на најголемата опозициска пратеничка група.