Мицкоски разочаран од политикантството во Комисијата за заразни болести, предлага натпартиско тело од професионалци

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска ја изрази својата разочараност од Комисијата за заразни болести, и како што кажа обидите преку неа да се водат партиска а не здравствена политика поради што таа треба да биде разрешена и да биде формирано надпартиско тело составено од професионалци кои ќе ја преземе нејзината функција.

„Морам да кажам дека многу сум разочаран од Комисијата за заразни болести и нивните проценки. И да точно е, јас, а и целата јавност на почетокот безрезервно дадовме поддршка на нивната работа, затоа што верувавме дека се водат по Хипократова заклетва, ама се покажа дека тие се водат по Заевиот диктат. Повеќето се директори поставени од оваа власт предводени од докторот со политички амбиции Караџоски, и може да се каже дека во најголема мера ги сервисираат потребите и барањата на Бихачка и Заев, наместо потребите на системот кој не покажа отпорност кон оваа деликатна здравствена ситуација,“ изјави Мицкоски.

Поради тоа, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ побара разрешување на актуелната Комисија и формирање натпартиско професионално тело.

„Затоа мора да биде разрешена оваа комисија и да се формира тело од непартиски професионалци кои нема да се водат од политичките туку исклучиво здравствените интереси на граѓаните. Нам ни треба систем со доверба и професионалци во кој народот ќе биде сигурен.“

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.