Мицкоски решителен – Со смели потези за кусо време му дава нова енергија на ВМРО-ДПМНЕ

Во последните две недели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, презема неколку значајни чекори во насока на редифинирањето на досегашното функционирање на партијата, но истовремено и како одбрана од личните напади кон него од група поранешни партиски функционери, а што во јавноста се дожувува како уште еден јалов обид на СДСМ да го разбие одвнатре најголемиот политички опонент.

„Сакам јасно и недвосмислено да истакнам дека јас како претседател на ВМРО-ДПМНЕ му се извинувам на народот за сите грешки и неправди кои овие луѓе ги имаат направено“, порача Мицкоски вчера на одбележувањето на Денот на Републиката во струшкото село Ташмаруништа.

Подобар повод, се чини – на најголемиот национален празник Илинден – Мицкоски не можеше да избере. Да најде доблест од името на партијата да им се извини на поддржувачите и граѓаните за несомнено сторените грешки во минатото. Но, истовремено влезе во дуел со оние кои деновиве бараат одговорност од него за резултатот од изборите на 15-ти јули. Активирањето на ваквите бледи фигури во македонската политика со нивната наводна загриженоста за иднината на ВМРО-ДПМНЕ, односно нејзино враќање во власта што ќе претпостави, нели, и нивно враќање во врвни функции, Мицкоски директно го нападна како „јаничарење“. Во прв ред, обвинувајќи дека само одработуваа во корист на личниот интерес на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, – ослабувајќи го одвнатре ВМРО-ДПМНЕ да му овозможат да ја задржи веќе силно разнишаната позиција во сопствената партија.

Мицкоски вчера поентираше истакнувајќи дека овие личности кои сега се најгласните во барањето оставка од него, се токму оние кои со своето профитерство во политиката најмногу ја обременија ВМРО-ДПМНЕ и придонесоа за разачараност и кај членството и кај гласачите.

„Тие самопрогласени морални судии ја глумат совеста на општеството и истураат омраза, создаваат делби, провоцираат, а всушност се маска зад која се крие немоќта на естаблишментот на власт вистински да се справи со проблемите. Оние кои денес се товар во ВМРО душмански жестоко се обраќаат кон ВМРО. Целосно свесен за нивните постапки од минатото, и целосно свесен дека токму овие жестоки појаничарени јуришници на власта беа и товар на партијата, сакам јасно и недвосмилено да истакнам дека јас како претседател на ВМРО-ДПМНЕ му се извинувам на народот за сите грешки и неправди кои овие луѓе ги имаат направено. Тие во ВМРО гледаат личен интерес, а јас во ВМРО-ДПМНЕ гледам кауза“, истакна Мицкоски.

Со тоа тој испрати недвосмислена порака дека нема намера да отстапи пред литите напади на поранешните функционери.

„Би бил кукавица доколку во вакви моменти се повлечам, тоа не е својствено за мене. Останувам фокусиран на предизвиците кои следат, останувам фокусиран на членството и внатрепартиската катарза која што следи во ВМРО-ДПМНЕ, како и на напорите за формирање ново парламентарно мнозинство. ВМРО-ДПМНЕ не е само политичка партија, туку идеологија и водилка на македонскиот народ и моја огромна чест е да бидам на чело на ВМРО-ДПМНЕ”, рече Мицкоски во минатонеделното интервју за ТВ Сител.

Но, Мицкоски истовремено навести и нов курс во партиските политики, во напорите од партијата да се тргне баластот кој преовладува кај избирачите дека етаблираните политички партии се претвориле во интересни групации на поединци од врвот.

„ВМРО-ДПМНЕ се ослободува од последниот товар од поранешни функционери на партијата кои во овие моменти работат здружено против партијата, но тоа само покажува за стравот и очајот кои ги има во тие луѓе. Таквото однесување не наидува на поддршка ниту кај членството, ниту кај граѓаните на Република Македонија и тоа е она што е најважно во моментот“, порача пред некој ден Мицкоски.

Во тој контекст Мицкоски претходно започна со смели потези, со прочистување на партиските редови во ВМРО-ДПМНЕ. Имено, веќе на кандидатските листи на гласачите им беа понудени многу нови лица, а повеќето од досега препознатливите за оваа политичка опција се повлекоа во заднина. Освен оние кои внатрепартиската борба за позиции ја дожувуваат како исклучивост, па со самото тоа и се исклучуваат од партија која се стреми да функционира по демократски принципи и која сака да ги афирмира и проектира во општеството.

Истовремено Мицкоски иницираше и нов партиски статут, според урнекот на партиското функционирање во развиените демократии. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ е дециден дека поради поддршката од Извршниот и Централниот комитет, како и од Унијата на жени, Унијата на млади сили и Унијата на ветерани на ВМРО-ДПМНЕ, останува на висина на задачата, како лидер на партијата и ќе се бори за состав на ново парламентарно мнозинство.

Имено, веднаш по изборите ВМРО-ДПМНЕ направи чекори на кои подолг период инсистираше поширокото членство, со промена на статутот со што се направија промени кои првпат се применуваат кај македонските политички партии воопшто, а тоа е давање голема автономија и незвисност во одлучувањето на базата на партијата. Сега, откако добија големи права за одлуки, општинските организации и комитети кај ВМРО-ДПМНЕ, иницираат и кадровски промени кои следат. Партијата планира брзи кадровски промени, освежувања со нови лица, на речиси сите нивоа во ВМРО-ДПМНЕ. Овие промени треба да овозможат поголема доверба во проектите на партијата на локално и централно ниво, функционалност доколку ВМРО-ДПМНЕ обезбеди влез во идната влада како и организациски потенцијал за наредните локални избори кои се очекуваат веројатно веќе следната година.

Мицкоски со овие смели потези уште еднаш демонстрира фајтерски карактер и решителноста да не се предава. Вчера во Ташмаруништа порача и дека ВМРО-ДПМНЕ, имајќи го предвид распоредот на силите во пратеничките мандати не отстапува од намерите да формира влада која ќе ја предводи неговата партија.

„Ова е натпревар кој се игра до последната минута, па така е и со формирањето на владата. А, знам дека по овој натпревар кој го играме со целото срце, и внимавајќи на честа и угледот на ВМРО и државата, ќе дојдат и други, на кои ќе победиме, затоа што само така ќе бидеме први. А, нашата победа е заедничка“, порача Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во искрено интонираното празнично обраќање рече дека е свесен оти многумина не се задоволни од резултатите од изборите и од пропуштената шанса за очекуваната силно изразена победа, но и дека и многумина сметаат дека таквите резултати се плод на предизборни манипулации и кражба на гласовите.

„На сите ќе ви порачам дека потполно ве разбирам и сте во право, и нема откажување, а борбата продолжува. И јас сите вас ќе ве разочарам ако се откажам сега, и така ќе ве разочарам сите вас, а уште поважно ќе ја изневерам Македонија. А, јас не сум тоа. Никогаш нема да ве разочарам, ниту да ја изневерам државата. И затоа ние уште посилно ќе се бориме за нашата заедничка иднина“, заклучи Мицкоски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.