Мицкоски: Сѐ уште немаме став околу името, мене лично ми се допаѓа Република Македонија

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во петокот вечерта присуствува на работната вечера од процесот Жан Моне што се одржува во Охрид и ќе биде затоврена за јавноста,  а пред почетокот на вечерата одговараше на новинарски прашања.

Мицкоски беше запрашан што мисли за предлогот Република Илинденска Македонија, тој напомена дека треба да се почека лидерската средба за да одговори на ова прашање.

Денеска сме овде на завршната вечера кој што е дел од процесот Жан Моне. Ова е процес кој по наша иницијатива по состаноците во Брисел и со Европската тројка и на наше барање беше преместен од куќата Жан Моне во Македонија. Тука сум на завршната вечера и очекувам да дознам од моите соговорници што се договорило за време на работниот дел од овој процес, така да дури тогаш ќе ги имам прецизните детали. Што се однесува до вашето прашање да ја почекаме лидерската средба која ќе даде одговор на вашето прашање по што ќе имаме став, изјави Мицкоски.

На прашањето околу неговиот впечаток за преговорите, кажа дека треба да се почека утрешниот ден за да ги имаат информациите.

Сега засега немам впечатоци, за вакви сериозни теми сакам да располагам со прецизни информации. Јас сум сериозен човек и не би сакал да претпоставувам ниту да одговарам на хипотетички прашања. Гледаме оптимизам, песимизам, гледаме од грчка и од македонска страна прилична какафонија така да ја почекаме лидерската средба во текот на утрешниот ден за да ги имаме информациите, рече Мицкоски.

Беше запрашан и дали му се допаѓа предлогот Република Илинденска Македонија.

Мене лично ми се допаѓа Република Македонија, изјави Мицкоски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.