29.8 C
Skopje
четврток, јули 7, 2022

Мицкоски: СДСМ на митинзите се однесува како опозиција, тоа говори дека се подготвуваат да станат опозиција, локалните избори се предвесник на нивниот крај

Ова не се обични избори, ова не се обични локални избори на кои што гласате само за градоначалник и за советници во Советот. Ова се избори на кои што вие одбирате како ќе се движи Македонија во иднина, дали ќе го фатиме правиот пат односно патот кон прогресот, кон иднината, кон визијата, развојот, проектите или ќе живееме во ова наше денешно, мачно, тешко секојдневие исполнето со криминал, корупција, предавство, понижување, омаловажување, истакна Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ на митинг во Новаци.

Мицкоски додаде дека Заев и СДСМ на митинзите се обраќаат како да се опозиција, можеби уште сега се подготвуваат да станат опозиција.

„Заборавија дека четири години буквално имаа апсолутна власт во Македонија и на локално и на централно ниво. А, што направија? Срам, предавства, понижување, многу криминал, многу корупција, а развој и градење буквално нула“, рече Мицкоски.

Мицкоски посочи дека ќе ги остави од СДСМ да го навредуваат по митинзите бидејќи се полни со гнев и омраза, а тој ќе се обраќа на граѓаните за иднината, за патриотизмот, за љубовта кон татковината, за проектите, за сето она кое што им е потребно на граѓаните за подобро живеење.

„Си го поставувам прашањето понекогаш дали се подготвуваат пред да излезат на настап на митинг и како се случуваат тие подготовки, што разговараат. Еден пријател ми вели Христијан сигурно седат на маса два-тројца помеѓу нив е и Зоран Заев, ѕвони во еден момент телефонот овој се јавува на телефонот, а од таму оној негов стратег и консултант Забрчанец му вели шефе вечер кога ќе излезеш пред граѓаните викај колку што те држи гласот исто како да Вице добил тендер во РЕК Битола на пример за ископ. Викај најгласно колку што те држи гласот. Или па можеби кога ќе ти се јави Љупче место 29 килограми расипан путер нашол 290 тони расипан путер. Го знаете оној Љупче путер? Ете така силно викај шефе да не се слушне лелекот на народот“, кажа Мицкоски.

Мицкоски рече дека веќе е петта година по ред како СДСМ е централна власт, но мандатот им изобилува со многу криминал, со многу корупција.

„Време е да ги пратиме овие политички измамници во политичка незаслужена пензија. А, потоа јас ви гарантирам уште во првите 100 дена одговорност. Уште во првите 100 дена одговорност за криминалот, корупцијата, но и за секој еден кажан збор кога се закануваат, како што тоа го прави овој актуелниот мал Зоран овдека, градоначалник во општина Новаци. Уште во првите 100 дена јас ви гарантирам дека ќе има одговорност“, нагласи Мицкоски.

Мицкоски им порача на граѓаните да не се плашат од малите зоранчиња, бидејќи им се ближи крајот. Крајот им започнува од 17-ти октомври.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.