Мицкоски: СДСМ осум години е на власт во Центар, ветуваа мораториум на градење, паркови и решавање на сообраќајниот хаос а добивме интензивна бетонизација и нула зеленило

СДСМ е на власт во Центар цели осум години, ветуваа мораториум на градење, паркови и решавање на сообраќајниот хаос, а она кое центарци го добија е интензивна бетонизација и нула зеленило, потсети во средата на предизборниот партиски собир во оваа скопска општина лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

„Овде СДСМ е на власт осум години. Пред да дојдат на власт ветуваа мораториум на градењето, нови паркови и решавање на сообраќајниот хаос. По осум години власт на СДСМ имаме супер интензивна бетонизација, немаме нови паркови и имаме сообраќаен хаос како никогаш порано. Без оглед кој е градоначалник од СДСМ, овие осум години однесувањето им остана исто. Знаете ли каде е вистинскиот проблем со бетонизацијата и урбаната мафија? Затоа што постои пакт на криминалците со пари и нивните луѓе во политиката. Тој пакт раѓа бетон кој за граѓаните значи ограничување на нивната слобода, а за овие другите значи пари“, рече Мицкоски.

Лидерот на опозицискиот блок предводен од ВМРО-ДПМНЕ даде увериње дека тој и неговите соработници никому не должат и не прават пактови со криминалците.

„Му должиме само на народот кој мора да знае дека нема да дозволиме бетон кој ќе ја ограничува и одзема нивната слобода и нормалниот живот“, порача Мицкоски.

Им порача на граѓаните на Центар да ја поддржат професорката Наташа Котлар и Данела Арсовска за Скопје, како што рече, дамите ќе обезбедат развој на општината и големи промени во градот Скопје.