Мицкоски: Се подготвува најголемиот грабеж во поновата историја на Македонија

Денес Зоран Заев без никаков план и без никаква методологија ќе најави инвестициски циклус од ни помалку, ни повеќе, туку точно 5 милијарди евра. Ако се прашувате дали е ова исечок од некое реално шоу, одговорот е НЕ, ова е вистина, тој, оној истиот Зоран Заев кој велеше дека ќе има загарантиран откуп за родот на земјоделците, 500км нов автопат, плата од 500€ и раст на економијата од мин. 5% секоја година, пишува претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на својот Фејсбук профил.

Доктори со 100.000 денари на сметка секој месец, реновирани студентски домови, реформирано образование и здравствени установи, задоволни пензионери со повисоки пензии и државна администрација со покачена плата секоја година од 5%. Рестартирани “Еурокомпозит” и “Југохром”.

-Зоран Заев кој ветуваше ‘0’ толеранција за корупцијата, а секоја година тонеме ли тонеме на сите скали по нивото на корупција. Оној истиот кој се колнеше додека дишел дека немало да го менува името, идентитетот, револуционерот кој бојадисуваше низ Македонија, редеше чевли пред Владата и ветуваше дека ќе ги врател младите, најмилите. Зоран Заев кој ветуваше дека нема непотизам и партизација, а денес ако не си роднина на Мира Дизел или Катица тешко дека ќе можеш и да помислиш да добиеш елементарна шанса, а доколку сакаш да отвориш бизнис, принципот е јасен, пола – пола од ќарот со ортакот, а место на исплата дополнително ќе ти биде кажано, но најчесто провереното, во еден ресторан во југоисточна Македонија. Насмеаниот Зоран Заев кој од владиниот авион заедно со соработниците пред повеќе од една година ќе обзнани дека добил радосна вест и дека Македонија ги започнува преговорите со ЕУ. Отогаш поминаа јуни и јули 2018, поминаа јуни и јули 2019 ќе помине и октомври 2019, а освен изгубената држава, уништеното достоинство, цунами економијата, пљачката и криминалот кој цветаат, разочарани луѓе со празни паричници, млади кои ја напуштаат татковината и родители кои невешто ги кријат солзите кога ги испраќаат најмилите, блескањето на ортаците на Заеви, ништо на подобро не се промени. Големите очекувања, сега се уште поголеми разочарувања, пишува Мицкоски.

Дека ова е уште една голема лага и дека тешко лажливците го менуваат својот карактер говори оваа прес конференција кога градоначалникот на Струмица пред повеќе од 8 години ќе најави дека успешно е завршена продажбата на 396.000 м2 градежно земјиште, ќе се граделе нови 16 фабрики, 12 од домашни инвеститори, 4 од странски и ќе се отвореле нови 1.500 работни места за струмичани и за околните општини:
[youtube https://www.youtube.com/watch?v=QxxDc8D0rtA]

А каква е реалноста 8 години потоа:

Арсовски: Тука Заев ветуваше 16 фабрики, а сега има само трева

А дека изградбата на новиот клинички центар всушност е уште еден обичен обид за пљачка, криминал и богатење на тие истите што и сега блескаат, говори објавениот јавен повик за конкурентен дијалог. Имено, во минатото додека Зоран Заев го распродаваше националното достоинство, го менуваше законот за јавни набавки и тоа, најпрвин го укина Советот за јавни набавки, а потоа го укина критериумот најниска цена и стави акцент на субјективната категорија квалитет.

Почитувани, се подготвува најголемата пљачка во поновата историја на Република Македонија од половина милијарда евра, пари кои ќе се обезбедат од заем и ќе ги плаќаат сите граѓани и полека, но сигурно ја носат Македонија во должничко сценарио. Доказ за тоа се сликите во прилог на оваа објава.

За проектите во енергетиката, далноводот кон Албанија, Чебрен, гасификацијата ќе зборувам во следните постови. Месеци ја делат Македонија од вистинска #ОбноваНаМакедонија, да покажеме дека веќе нема место за повластена политичка каста, туку за политичари кои ќе служат на граѓаните и Македонија, а тие кои се огрешиле пред законот и се посрамотиле пред граѓаните да понесат одговорност!