Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешната дебата „Образовна платформа за иднина“, на тема „Нов концепт за развој на образованието“ која се одржа во Куманово, спомена дека основниот фундамент е враќање на претшколското образование во рамките на Министерството за образование.
„Потребно е образованиот процес да биде комплетен. Сега имаме чувство дека тој не е комплетен. Мислам во рамките на Министерството за образование. Имаме основно, средно и високо образование. Но, ни недостига еден фундамент, односно базата, а тоа претшколското образование, односно популарно наречените, градинки. Тие се сега под одговорноса на Министерството за труд и социјална политика. Во процесот на реорганизирање и реструктуирање на Владата планираме фундаментални реформи бидејќи цениме дека вака како што е составена, владата не одговара на современите текови кои што се потреба на граѓаните“, рече Мицкоски.
Мицкоски додаде дека идната Влада на ВМРО-ДПМНЕ планира реорганизација во самите владини ресори.
„Претшколската едукација односно предосновното образование треба да го вратиме онаму каде што припаѓа, а тоа е во рамките на Министерството за образование и наука“, нагласи тој.
Тој рече дека е потребна и мотивација на наставно образованиот кадар.
„Потребно е да се поработи и на мотивација на наставно – образованиот кадар. Како ќе се мотивираме? Многу помалку луѓето денеска се мотивираат на поинаков начин освен материјално и финансиски. Ние се обидовме во нашата програма да најдеме еден вид синергија меѓу науката и финансиското мотивирање. И што направивме? Дадовме предлог во кој секој наставно образовен кадар на високо образовните институции кој што ќе објави труд во списание со фактор на влијание, а тоа е дел од индексираната база „Томсон Ројтерс“ позната во науката како „web of science“, тогаш следната година државата ќе одвои дополнителни 50 отсѕо плус секој месец за неговата плата“, појасни Мицкоски.
Тој укажа дека ако за наставно образовното лице одвојува државата за месечна плата нето 60.000 денари, а тој во претходната година објавил труд во списание, тогаш следната година 12 месеци државата ќе одвојува 90.000 денари за тоа лице месечно. „Секој кој ќе се занимава со наука ќе биде награден“, рече Мицкоски.