Мицкоски: Сите зборуваат како се доставени записите, а не за тоа што има во нив

Голем број правни експерти се вознемирија кога реков дека имам документи, кои се тие материјали, што се и слично. А истите тие кога беше аферата Големото уво и кога Бранко Црвенковски рече дека му се оставени пред врата, никој не реагираше, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на гостувањето на телевизија АлсатМ во емисијата 360.

Според него чудно е што сите зборат како се доставени до материјалите, а никој не зборува што има во нив за Рекет.

-Материјали доставени од свиркачи се едноставно материјали доставени од свиркачи. Дали се материјали добиени од исказ од предистрага, од истрага и дали се добиени од нелегално поседување материјали е исто, рече Мицкоски укажувајќи дека материјалите се доставени од свирчачи.

Тој посочи дека сега смета оти граѓаните треба да ја дознаат вистината.

Мицкоски исто така посочи дека јавен обвинител по предлог на опозицијата мора да има за да може Јавното обвинителство да се тргне од прегратките на Заев и од криминалниот клан и конечно да почне да си ја врши функцијата за која што е овластено, а тоа е гонење на криминалот.

– Зошто се плашат да имаме обвинителство за висока корупција, каде што обвинител ќе биде предложен кредибилен лик професионален лик од опозицијата, ако се толку чисти? Зошто во еден момент господинот Заев рече вие сакате да ме потрупате со предмети? Јас ако сум чист верувам во својата честитост и законско работење нема да имам потреба да се плашам од ништо, рече Мицкоски.