Мицкоски со честитка по повод празникот Божик до поглаварот на МПЦ г.г. Стефан

Дозволете во мое лично име и во име на членовите на ВМРО-ДПМНЕ на сите православни верници во Република Македонија да им го честитам големиот христијански празник, Рожденство Христово- Божиќ, стои во честитката на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски до Поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, Архиепископ Охридски и Македонски Г.Г. Стефан.

– Посакувам овој светол празник секој граѓанин на нашата татковина да го дочека во здравје, мир и благосостојба. Нека светоста на денот ги огрее домовите на верниците во овие мрачни времиња кога сме исправени пред предизвиците поврзани со здравствената и економската криза во која се наоѓаме. Мирот во душите и безграничната љубов кон своите ближни, соседи, пријатели и сонародници нека биде ѕвездата водилка која ќе ни помогне да излеземе посилни и посплотени, затоа што само така ќе можеме да чекориме по патот на заедничкиот успех, вели Мицкоски.

– Надежта кон подобро утре е симболот на Божиќ и никако не смееме да заборавиме на трајните христијански вредности кои го водат човека, но и целата цивилизација кон подобар живот. Почитта, волјата и хуманоста нека бидат наш сопатник низ овие трнливи патеки кои ги чекориме. Така ќе ја изградиме иднината која ја сакаме за нас и за нашите поколенија, иднина во која зад себе ќе ја оставиме сиромаштијата, несигурноста и поразите со кои денес живееме, посочи тој.

Со вербата во Бога и вербата во мудроста и истрајноста на народот да чекориме кон подобро утре, оставајќи ја мрачната сегашност. Христос се роди, навистина се роди. Честит Божиќ, нека е вечен празникот, нека е вечна Македонија, посака Мицкоски.