Мицкоски: Со оваа влада нема иднина

Црн е животот на земјоделците, професорите, бизнисот. Има ли некакво белило што и се случува на Македонија и на граѓаните? Саде темнина е околу нас и црнила. Затоа јас за тоа зборувам, велам црнила, само црнила нас ни се случуваат, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на протестниот марш во неделата во Кочани.

„Зарем не е црна маката на земјоделците, на оризопроизводителите од Кочани и кочанско, родот да им остане ненабран, непродаден? Зарем тоа се ветувањата од декември 2016-тата и есента 2017-тата? Ветуваа загарантиран откуп, пласман за вашите производи. Истата судбина ја имаат и оние кои произведуваат сливи и оние кои произведоа јаболка, оние кои произведоа пченица. И сите оние кои се бават со земјоделство. Од ветувањата за загарантираниот откуп од снимките на оној малечок министер кој од авион не се симнал и на кој основна задача му е да ги брка од работа луѓето кои ќе кажат некој збор против неговиот ментор Зоран Заев. Наместо да се симне во нивите, наместо да дојде меѓу вас земјоделците, да не излезе од калливите чизми и да најде начин како да му помогне на Македонецот, на човекот кој што се мачи да скрпи крај со крај на чесен и едноставен начин“, порача Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ потенцира дека е црна судбината и на младите луѓе и на пензионерите.

„Зарем не е црна судбината на оние луѓе кои што кога ќе ја завршат дипломската работа со тага во очите ми велат дека за еден месец ќе заминат, дека не можат работа да најдат и покрај тоа што ветуваа младинска гаранција. Ветуваа парите ќе ги вратат, не само што не ги вратија парите, туку нивните паричници станаа подебели и потешки, па не можат веќе сако да облечат, па мора некој со куфери да им ги разнесува. Нема шанса за младите. Зарем не е црн животот на пензионерите? Ветуваа поголеми пензии, ветуваа подобри услови. Не само што не ги зголемија, туку истите ги намалија“, рече тој.

Мицкоски пред големиот број на граѓани истакна дека црнила има и во животите на професорите, каде се потценува и деградира нивната работа.

„Тие треба да образуваат луѓе, да бидат авангардата во нашата татковина. Тие земаат плата која што е под просекот, немотивирани се. Не можат од први до први да скрпат. Зарем не е црн животот на македонските доктори? Каде се оние 100.000 денари плата за македонските доктори? Шеташе заев по плоштадите и ветуваше брда и долини, ветуваше мед и млеко. Наспроти тоа добивме масовно иселување на докторите. Заминуваат трајно или времено надвор. Зарем не е црно здравството во кое ветуваа огромни инвестиции. Ветуваа ќе вложеле милиони, милијарди. А што направија? Еден сограѓанин мој, скопјанец, го загуби животот, почина затоа што не му следувале лекови да ја надмине тешката болест од која што боледувал. И денес ќе го слушнеме оној несреќен министер, наместо да каже дека поднесува неотповиклива оставка, тој вели дека обезбедил лекови, ама пустиот човек немал среќа да дојде, па починал. Срам да ви е, од прв до последен. Барем еден да се одважеше да понесе одговорност“, порача Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ говореше за поразителните податоци во бизнисот, рекетот кој го прават луѓе од власта, паѓањето на економијата на домашните фирми, па заклучи дека црнила има и во бизнис сектор. Поради сето ова, Мицкоски јасно порача дека со оваа Влада, нема иднина во Македонија.