Мицкоски со почит кон новинарите, Ковачевски се сврте и замина

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски како ретко кога демонстрираше почит, а премиерот Димитар Ковачевски тотална непочит кон новинарите и јавноста во Клубот на пратеници. Нивната средба траеше околу два часа сосе паузи, а сите останати медиумски работници чекаа во холот на Клубот. Поради големиот интерес на јавноста, новинарите имаа низа на прашања, а тогаш се случи пресврт.

Христијан Мицкоски на говорницата беше прилично јасен во ставовите. Кажа кои се позициите на ВМРО-ДПМНЕ, објасни и што се случувало зад затворените врати на средбата, посочи кои се условите. Единствено што не објасни е кои се наредните чекори на ВМРО-ДПМНЕ. Тој беше целосно отворен за одговори кон новинарите, што во суштина покажува негов променет принцип на функционирање, со оглед дека немаше расправии, ниту високи тонови, туку умерен пристап. Интересен момент од прес-конференција е што Мицкоски се тргна, па се врати на говорницата.

„Господине Мицкоски имате ли друг начин на протест“, прашуваше новинарката, Тамара Грнчарова додека Мицкоски заминуваше.

„Господине Мицкоски не е фер вака, да кажете вие што сакате и да не и одговорите на колешката“, реагираше новинарот Кристијан Ландов.

Мицкоски, не се двоумеше и како никогаш претходно се врати на говорницата.

„Ајде, повелете. Не ве слушнав, не ве слушнав“, кажа Мицкоски враќајќи се на говорницата и почитувајќи ги медиумите.

За разлика од него, Ковачевски не го ценеше чекањето на новинарите. Протоколот имаше „непротоколарно“ однесување. Премиерот не даде конкретен одговор на ниту едно прашање. Постојано го повторуваше текстот напишан на листот пред него. На прашање дали ги прифаќа условите поставени од Мицкоски, не одговори дури двапати, а протоколот гестикулираше забранувајќи прашања.

Првпат прашањето го постави Тамара Грнчарова, а вторпат, истото го праша и Кристијан Ландов. Двапати, премиерот си го раскажа тоа што сакаше тој, без да одговори конкретно.

„Не одговоривте конкретно на прашањето, кои од трите услови на Мицкоски и дали некој од тие три услови е прифатлив за вас?“, праша новинарот Ландов.

„Првин, јас веќе одговорив на прашањето. Сите тие прашања не задираат во чистиот македонски јазик во преговарачката рамка и во сите документи на ЕУ, не задираат во идентитетот на македонскиот народ и во самобитноста. Ова е мултилатерален документ…..“, си раскажа Ковачевски без одговор.

Со ваквото однесување на Ковачевски може да се толкува како непочит кон новинарите. Исто така, однесувањето на протоколот со гестикулирање како што е кревањето со очи и остри погледи, мавтањето со раце, тенденциозното прекинување на новинари, може да се истолкува како недолично.