Мицкоски: Со СДСМ нема ниту ЕУ, ниту иднина, туку само криминал и тендери

Навистина е нејасно зошто се радува Бугарија, а Владата на Македонија молчи. Нејасно е и на што се должеше тоа што двете страни го опишуваат како придвижување во разговорите, за да на крај ни кажат дека договориле заедничко чествување за Цар Самоил. А истово ова го соопшти и Заев дека го договорил, па сега играјќи на картата на кратко помнење на народот сакаат да ни кажат дека треба повторно да се радуваме за продавање на работа која веќе ја продале во 2019 година – рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во своето обраќање на свечениот настан по повод 31 годишнина на УМС на ВМРО-ДПМНЕ – „Визија за победи, шанса за промени“ што денеска се одржува во салата „Марко Цепенков“ во Прилеп.

Рече дека премиерот Димитар Ковачевски не робива ниту на датуми, ниту на ветувања.

„А воедно кога ќе го прашаат Ковачевски кога датум за преговори со ЕУ? Тој ќе одговори, не робувал на датум. Може Ковачевски не робува на датуми ама изгледа и не робува и на ветувања, затоа што партијата чијшто претседател е, дојде на власт со ветување дека ЕУ ќе дошлa веднаш и сега. А гледаме дека со СДСМ нема ниту ЕУ, а нема ниту иднина, туку само криминал и тендери. ВМРО-ДПМНЕ за прашањето со Бугарија има многу јасни позиции, и е против каков било чин или чекор кој ќе значи нарушување на идентитетот, јазикот или срамно решение кое ќе значи откажување од нашето историско наследство. Ние сме за решение кое ќе ги одразува и зачувува националните и државни интереси и нема повеќе отстапки кои владата ги опишува со реченица „ајде само уште ова и само што не дошло подобро време“. Од тоа „ајде само уште ова“ грлото ни е преполно со кнедлите што ги голтнавме, а таму во Европа обезличени не се оди. Туку такви какви што сме Македонци, со богата историја, со свој јазик и идентитет“, додаде Мицкоски.

Мицкоски и нагласи дека мора да се овозможи младите да сонуваат и да ги остварат тие соништа, а должноста е „шанса за сонување да им ја дадеме на младите генерации“.

„Во деведесеттите години сонувавме, мечтаевме да ги менуваме работите. Се сеќавам на еланот со кој влегувавме од еден систем во друг систем. Се сеќавам на надежта дека ќе ги подобриме постојните институции, без да ги уништиме. И тој наш сон не беше да го уништиме тоа што добро функционирало туку да го прифатиме доброто кое моравме да го направиме уште подобро. Се сеќавам дека и покрај сите можни удари кои ни ги даваше животот, редици за млеко, бензин, празни рафтови по продавниците, родители кои остануваа без работа, ние сепак сонувавме, се надевавме и се боревме. Денес драги пријатели сѐ помалку има од тој сон, од таа надеж и енергија која нѐ движеше низ тие години. Независно дали успеавме во сите тие наши соништа, ние тогаш се боревме. И историската одговорност на една генерација е доколку не успее да го оствари сонот, да го предаде факелот на надежта и пораката за борба на наредната генерација. Паралелата со денес говори дека сѐ помалку младите ја имаат таа шанса да сонуваат и како да е прекината таа точка на наследување на идеалите, борбите и соништата, ама наша е должноста таа шанса да им ја дадеме на младите генерации. Затоа сите заедно, многумина како едно да тргнеме во остварувањето на нашиот сон и нашата заедничка иднина. Македонија – држава на сите луѓе од сите места и градови, на рамноправни едни со други, со еднакви шанси искористени согласно со капацитетите на индивидуата. Не постои нешто што се вика апсолутна еднаквост на сите со секого, но секако дека постои борба за еднакви можности за сите и за секого. Затоа на младите мора да им ја дадеме нивната шанса, надеж и визија која заедно ќе ја отсонуваме. И тоа им го должиме ним, но и си го должиме нам… Како до тоа? Преку промени што се случуваат, преку коренити промени на свеста, преку заедничко дефинирање на нашите цели и преку покажување на пркосен отпор и верба во идеите. За да има промени, мора да има избори. А владата бега од избори.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.