Мицкоски: Спасовски да каже која тајна служба го следела Стево Пендаровски и со која политичка партија истата соработувала

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, оствари средба со членовите и симпатизерите од Општинскиот комитет во Велес.

Како што информираат од партијата, Мицкоски на средбата со граѓаните посебен акцент ставил на, како што рекол, криминалиите и корупцијата кои што ги прави актуелното раководство на СДСМ и Зоран Заев, нарекувајќи ги кадри од минатото кои се поврзани со транзицијата користејќи ги истите трикови и ниски страсти без да понудат нешто ново на граѓаните.

Тој воедно побара одговор од страна на министерот за внатрешни работи и вицепремиер во владата, Оливер Спасовски, да каже која тајна служба го следела Стево Пендаровски и со која политичка партија истата соработувала.

Го слушаме вчера на емисија се пењави, се препелка човекот не е во негова кожа, вели ме следеле странски служби, блиски до најголемата опозициска партија. Човекот се чувствувал небезбеден. Еве овде од Велес да го прашам Оливер Спасовски, вицепремиерот и несуден кандидат за претседател поддржан од СДСМ, не знае човек дали тоа е добра или лоша карактеристика во овој момент. Но, во овој момент тој е вицепремиер во Владата и министер за внатрешни работи, да каже дали Стево Пендаровски е безбеден или не е безбеден. Еве нека одговори да видиме дали тој е безбеден или не е безбеден. Ако е безбеден да го демантира, а ако е небезбеден да каже кој тоа Стево Пендаровски го следи, која е таа тајна служба и со која опозициона партија таа тајна служба е блиска, истакна Мицкоски пред симпатизерите во Велес.