Мицкоски: Св. Сава треба да не обединува во напорите за подобар живот и крај на политичката кариера на оние кои носат поделби

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на сите припадници на српската етничка заедница во Република Македонија им го честита големиот христијански празник Свети Сава.

-Веќе 14 години кога по иницијатива на ВМРО-ДПМНЕ, а со конструктивна и срдечна поддршка на претставниците на српската заедница, заеднички решивме да го установиме овој празник и за прв пат во нашата современа историја како држава и Србите да добијат свој официјален празник и датум за прослава.

Ако во Република Македонија тоа се Свети Кирил и Методиј, во Србија и помеѓу српскиот народ тоа е Свети Сава, првиот српски архиепископ и деец кој оставил траен белег во негувањето и ширењето на христијанска мисла на Балканот. Од овие причини, но и од почит кон српскиот народ, овој ден го одбележуваме како празник на српската заедница во Република Македонија.

Српската заедница е нераскинлив дел од македонското општество со својата култура и традиција придонесува за збогатување на нашето мултикултурно општество и градење на соживот и мостови на доверба и пријателство во Република Македонија.

Сите ние заедно ја живееме денешната реалност на тежок живот, сиромаштија и разочарувања. Затоа преку меѓусебна почит ние мораме да се обединиме и да донесеме промени и да ја обновиме нашата заедничка татковина за да создадеме подобра држава и подобра иднина за нас и нашите идни генерации. Празникот Св. Сава треба да не обединува во напорите за подобар живот, решавање на заедничките проблеми и крај на политичката кариера на носителите на власта кои носат поделби, угнетување на заедниците и нееднаквост.

Нека денешниот ден ви донесе многу здравје, радост и благосостојба вас и на вашите семејства, се вели во честитката на Мицкоски.