-Граѓаните да бидат спокојни, зголемување на цената на електричната енергија нема да има и тоа очекувам да го потврди Регулаторната комисија за енергетика, посочи денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Во одговор на новинарско прашање, на поставувањето на камен-темелникот на основното училиште „Свети Климент Охридски“ во село Драчево, тој нагласи дека исполнети се двата услови, односно пратениците вчера го изгласаа дополнувањето на Законот за енергетика, како и универзалниот снабдувач „ЕВН Хоум“ ги оптимира количините за да не дојде до енормно зголемување на цената не електричната енергија.
– Кога го поднесував дополнуавњето на Законот за енергетика имав две пораки. Првата е пратениците час поскоро да го изгласаат ова дополнување, и тоа тие го сторија, и втората порака беше до компанијата која е универзален снабдувач, тоа е „ЕВН Хоум“, да ги оптимира количините за да не дојде до енормно зголемување на цената на електричната енергија за домаќинствата и за корисниците од универзалниот снабдувач. Она што го добив како информација дека и двата услови се исполнети. Вчера беше изгласан законот, а од страна на ЕВН добив информација дека е оптимирано до максимум. Сега останува до Регулаторната комисија да одлучи, таа е независен орган, рече Мицкоски.
Вели според неговото предзнаење во областа, не очекува да има зголемување за првата и втората категорија потрошувачи.