Мицкоски: Веднаш по формирањето на владата ќе пристапиме кон реализација на план во борбата против ковид кризата

„Веднаш по формирањето на Владата ќе пристапиме кон реализација на план, кој веќе го имаме изготвено, за борба против корона кризата, тоа ќе ни биде приоритет и прва задача откако ќе ја победиме оваа тригодишна пандемија“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Тој во емисијата „Клан дебата“ на Клан Македонија телевизија истакна дека имаат изготвено преодна стратегија во која ги таргетираат двете суштински области а тоа се економијата и здравството.

„Цениме дека досега од Владата имаме калкулантска игра и наместо да бидат здравствени работници, оние луѓе кои се дел од онаа Комисија за заразни болести преминаа од инфектолози во политиколози и добро е што исчезнаа од екраните, ги нема веќе од оние прес конференции кои повеќе личеа на политички, партиски памфлет отколку на здравствени прес конференции“, рече Мицкоски.

Тој потсети дека откако властите прогласија победа над вирусот корона, бројките на заразени драстично почнаа да се зголемуваат, драстично ,исто така, се зголеми и бројот на починати лица.

„Се сеќавате, откако прогласија победа над пандемијата, бројките драматично почнаа да растат и денеска Македонија е, би рекол рекордер по бројот на нови случаи и по бројот на луѓето кои ги загубиле своите животи. Навистина неможам да ги разберам оние калкулантски игри кои што беа произведени од онаа кујна на СДСМ, а потоа пресликани во Комисијата за заразни болести“, констатираше Мицкоски.

Тој додаде дека тие нема така да се однесуваат кога се работи за здравјето на граѓаните, дека имаат стратеги и план како ќе делуваат во справувањето со здравствена криза. Мицкоски вели дека уште на 26 март алармирале дека можеме да дојдеме до ова што сме сега но од страна на министерот за здравство, Венко Филипче, беа прогласени за луѓе кои што шират лажни вести, а кои нивни тврдења, за жал, ги докажа времето.

„Ние секако нема така да се однесуваме бидејќи би било лицемерие ако сега зборуваме за здравјето на граѓаните а потоа се однесуваме калкулантски. Имаме стратегија, имаме план. Впрочем ние алудиравме уште од на 26 март дека ќе дојде до ова до кое што дојде. Тогаш од страна на ресорниот министер и надлежните бевме прогласени за луѓе кои што лиферуваат лажни вести итн, но тоа сега е позади нас“, потенцираше Мицкоски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.