Мицкоски: Ветувам 4 милијарди евра странски и домашни инвестиции и 2 милијарди за капитални проекти

Можам да се обврзам овде, пред вас, заедно со вас, на чесна и честита работа, многу пот, жилава и макотрпна работа, работа која секој од вас ќе ја почувствува. Ќе бидете дел од обновата на Македонија.

Ова го порача лидерот на ВМРO-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешниот голем народен собир организиран од партијата.

Тој пред огромниот број на граѓани даде ветувања кои се од голема важност за народот и државата.

-Ви ветувам дека идната влада на ВМРО-ДПМНЕ во четиригодишниот мандат ќе реализира проекти, капитални инвестиции за развој на нашата мила Македонија во вредност од не помалку од 2 милијарди евра. Тоа јас ви го ветувам. Реализирани проекти, не бројки на хартија. Реализирани, осмислени, испорачани проекти. За економија со брз раст, за сигурна иднина на нашите граѓани. Се обврзувам и ви ветувам дека идната Влада на ВМРО-ДПМНЕ, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, во својот мандат ќе испорача проекти во вредностпреку странски инвестиции и домашни инвестиции во вредност не помала од 4 милијарди евра. Се обврзувам овде пред вас, рече тој.

Мицкоски пред граѓаните порача дека идната Влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе вложи не помалку од една милијарда евра за заштита на животната средина.

-Да ни дишат најмилите чист воздух. Проекти во енергетската ефикасност и брза, експресна гасификација на Македонија. Не можам да ви ветам дека веднаш ќе почне да дува чист алпски воздух, тоа е невозможно, но можам да ви ветам најмалку 50% почист амбиентален воздух за македонските граѓани, порача тој.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.