Мицкоски: Вината лежи на Заев кој ѝ пукаше на правдата в чело

Најголемата вина за ваквите катастрофални состојби во правосудната сфера во земјата е кај лидерот на владејачката СДСМ, Зоран Заев, кој како премиер го преземал и улогите на обвинител и судија „пукајќи ѝ на правдата в чело“, рече Хртитијан Мицкоски во продолжението од своето обраќање на вечерашниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ

„И за ова има неколкумина одговорни, но еден е највиновен, а тоа е Зоран Заев. Зоран Заев е виновен затоа што тој во исто време е премиер, обвинител и судија. Виновен е затоа што е главен рекетар, преговарач, главен забавувач кога се во прашање гафовите, но и трговец со витални органи на нашата Македонија. И едно досега научивме, на човекот не му е тешко да украде, да изглуми, да се посрамоти, но само не му барајте да биде чесен, затоа што е нечесен од глава до пети. А и најлесно му е да излаже. Затоа што тоа покрај крадењето тоа го прави најдобро“, нагласи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Неодамна презентираните снимки од разговори на Заев во кои влијае врз одредени судски случаи, Мицскоки ги оцени како „пукање во челото на првдата“, со „умисла, ладнокрвно и без каење.

„Со тој неправилен граматички, но разбирлив јазик слушнавме како ја егзекутира правдата, што би рекол “трас-трас”, а таа умира полека, бавно. Затоа што Заев нема допрено нешто, а да нема контаминирано. Тој е правдоубицеот во државата. И нема мака пред камерите лажно да се прикажува дека бил европски политичар, кој еве гледаме уште железни опинци не облекол, дека градел едно општество за сите, дека е визионер…човек гледа и не може да се изначуди. Каква визија какви бакрачи. Чувме во бомбата што е реалноста, да цитирам ли: “договорено е со Врховен”, “без Заев не се може”, “трас-трас и ете одлука на Врховен суд”, “Катица знае за се што треба да се случи”, или закон за СЈО или одлука на Врховен суд ама случаите ќе паднат. Ете тоа е вистината“, заклучи Мицкоски.

Потсети дека минаа повеќе од два дена но отсуствува, како што рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, никаква суштинска реакција ниту од шефицата на обвинителството за организиран криминал Вилма Рускоска, ниту од некоја друга надлежна институција

„Ако Заев е ‘капо де тути капи’ на мафијата, главните конселиери и верни заштитници на неговиот криминал се Вилма Рускоска и Љубомир Јовески. А гледаме дека ништо помалку не биле ниту Врховните судии. Нивните усти се замолкнати, додека ни се уништува државата, додека ги губиме институциите. Овие двајца плус уште неколку врховни судии засилени со уште неколку медиумски слуги кои не се новинари, а така се преставуваат, се единицата за брза интервенција за спасување на Заев. Ама ова пустото не се брани. Луј Витон судството е последица на Луј Витон премиер, мераклија за куферчиња и пари. Не може луѓе да одат во затвор за кутија цигари, а за кражба на држава да бидат премиери“, рече меѓу другото Мицкоски.