Мицкоски: Власта сака да ве краде и пеплосува, да ја проголтате нивната евтина пропаганда додека се губи идентитетот

Премиерот Зоран Заев и неговата владејачка гарнитура сакаат додека ве крадат и пеплосуваат, вие да ја проголтате нивната евтина пропаганда, рече во неделата од протестниот собир во Кичево лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и порача дека со ткн Договор со Грција, се подрива македонскиот идентитет, и оти неговата партија и народот нема да се согласат дека смe народ без корен и држава без историја.

ВМРО-ДПМНЕ денеска организира марш поради незадоволстовото од работата на оваа власт. Пред граѓаните во Кичево се обрати лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, тој кажа дека пред граѓаните зборува отворено, затоа што ги смета за пријатели, а пријателите немаат тајни меѓу себе.

„Долго време ме мачи едно суштествено прашање. Сите знаеме што се случува во нашата татковина, ги гледаме последиците, ги чувствуваме емотивно, се обединуваме околу емоцијата, зборуваме за нив, пробуваме да си ги објасниме на себе и на другите. Но, основното прашање е како се доведовме во ваква ситуација? Која е причината? Последиците ги знаеме и гледаме, но ако не ја откриеме причината, тогаш ќе продолжиме да губиме време во ублажување на симптомите, наместо да ја отстраниме причината. Нашето општество боледува од непринципиелност, лаги и неостварени очекувања, пред се од девастирање на вредносниот систем. Не е пријатно да се признае, не е убаво да се соочи човек со таква тешка и страшна констататација, но тоа е вистината. Имаме две можности: да продолжиме да го игнорираме фактот дека Македонија е тешко ранета или да се фатиме храбро и бескомпромисно во костец со причините за таквата состојба и еднаш за секогаш да ги поразиме, и да тргнеме силно напред, бидејќи ние го бараме под чадорот на обединета Европа, над обединети европски нации и држава, тоа го заслужува овој народ и ова парче под сонцето“, рече во своето излагање пред граѓаните Мицкоски.

Кажа дека нема друга опција и праша какви можности стојат на располагање.

„Да седиме и слушаме како оваа клептоманска власт со сесрдна помош на премиерот Зоран Заев и неговата дворска свита криминогени пробисвети мисли дека не лаже со празни фрази со празни бирократски фрази за наводно поголеми плати и не знам какви успеси, кога со свои очи гледаме и на своја кожа чувствуваме дека најбезобразно уништуваат се што ни е нам драго и комплетно ги здробија сите демократски институции, макотрпно со години создавани. Зоран Заев и неговата катастрофална влада не сакаат никој да зборува за нивниот катастрофален учинок и нивните уништувачки политики. Треба да се правиме наивни и да зборуваме за кампањата која ја водат, која според нивните медиумски перјаници не донела до пред портите на рајот. Tие не сакаат да пружите отпор на сопственото уништување, туку сакаат додека ве крадат и пеплосуваат се околу вас, да гледате некаде во некоја неодредена иднина, која можеби никогаш нема да се случи, да бидете слепи, и да им ја проголтате евтината пропаганда, која ни ја испорачуваат од своите глисери, онака, облечени во костими за капење, со темни наочари, со вештачки насмевки одлепени од реалноста“, рече Мицкоски.

„Тие живеат во свет во кој нема човечки вредности и сакаат нас да не гушнат, да станеме дел од нивниот пекол. Ние треба да одлучиме дали сакаме да бидеме вовлечени во ова сценарио, дали сакаме да им дозволиме да газат преку нас, нашите предци и нашите деца и внуци, дали ќе им дозволиме да не убедат дека политиката не е ништо друго освен суров пазар, дека само парите се важни, дека договорот всушност нема значење“, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Праша дали зарем ќе се дозволи на грб на народот и во негово присуство да ги спроведат своите погрешни идеи?

„Не! Потребен е отпор. Ќе бидеме мудри, ќе бидеме тактични кога ќе биде потребно да се тактизира, ќе бидеме гласни кога ќе оцениме дека така треба, ќе бидеме неуморни, вредни и полни со љубов за Македонија, и кога ќе дојде моментот ќе бидеме незапирлив оган кој се бори за иднината на нашата земја. Јас мојата сила и трпение го црпам од вистинските, нашите вредности, пренесувани од колено на колено, од љубовта кон моето семејство, нација и држава. Се борам за вистината и правдата зашто мирот и спокојството на мојата душа немаат цена. Стојам овде и ве повикувам, следете ме во борбата во која веќе длабоко сме загазени, не затоа што сакаме, не затоа што ние одбравме така – туку затоа што едноставно не ни оставаат друга можност. Таа борба нема да е лесна, ниту ќе биде лесна, ниту некогаш била лесна. Но, ви ветувам дека кога се ќе заврши, не толку далеку од сега, нашето знаме највисоко ќе се вее, иако малку поткинато, малку извалкано од војната, но гордо и победнички! Тоа ќе биде знамето на народот и новата надеж за подобра иднина“, порача Мицкоски.

Во вторникот, рече натаму лидерот на ВМРО-ДПМНЕ,бев во Берово, Пехчево и Крива Паланка, се среќавав со луѓето, разговаравме, се борат со егзистенцијата.

„Ќе ви кажам за еден стар дедо, кој ми раскажуваше за едно Паланечко село кое ниту една војска низ историјата не го покорила и никогаш не било поробено. И јас го прашувам до храбрите луѓе ли било, до нивниот голем број? Дедото на ова ми одговори не синко, тие ни пушка не испукаа, а далеку помалубројни беа од војските кои ги одминуваа, туку со две работи победуваа, со мудрост и со слога. Биле мудри и обединети. Тоа е она што нас ни треба“, рече Мицкоски во своето обраќање од Кичево.

„Нас денес соочувајќи се со еден срамен договор ни е потребна мудрост и обединетост. Леви, и десни, оние во центарот, определените и неопределените треба да знаат дека нашата земја Република Македонија е во прашање, и треба да се размислува рационално. Има многу луѓе што и од СДСМ не се согласуваат со ова што се случува со државата и ќе кажам дека и тие се добредојдени. Иако референдумското прашање е тросмислено, неговата суштина е договорот со Грција. Ако ме прашаат дали сте за ЕУ и НАТО, веднаш одговорам да, но сме жестоко против капитулантскиот договорот со Грција со кој се подрива нашиот идентитет и е надвор од нашите принципи. Овој договор е против нашиот идентитет и против нашите принципи“, рече Мицкоски.

Посочи дека јавноста не слушнала ниту еден аргумент против дека со договорот се уништува инситутуционалниот идентитет и дека со членот 8 од договорот кој предвидува формирање на комисија помеѓу двете држави Македонија и Грција ќе се ревидира историјата, археологијата и образованието, што практично значи дури и се да се исполни од договорот Грција ќе ја има можноста да ја блокира нашата интеграција во Европската Унија. Треба да се сложиме на тоа дека сме народ без корен, држава без историја.

„Еве јавно ги повикувам да го демантираат аргументот дека со договорот го губиме инсититуционалниот идентитет што е компонента на националниот идентитет и дека со членот 8 од договорот престои ревидирање на историјата, археологијата и културата што е врата Грција да не блокира на патот кон ЕУ во секој момент?“, рече Мицкоски.кога се ќе заврши, не толку далеку од сега, нашето знаме највисоко ќе се вее, иако малку поткинато, малку извалкано од војната, но гордо и победнички! Тоа ќе биде знамето на народот и новата надеж за подобра иднина, изјави Мицкоски.