Мицкоски: Власта ве казнува, време е вие да ја казните неа

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вечерва на централниот масовен митинг пред зградата на Владата се обрати особено до ранливите категории како што се пензионерите и невработените, како и земјоделците кои не можат да го продат својот производ, порачувајќи дека актуелната власт се однесува како да ги казнува, па затоа претстојните претседателски избори претствуваат можност тие да ја казнат.

„Ќе ги споменам и пензионерите, оние на кои оваа власт им изрази непочитување, на кои им го укинаа законско предвиденото зголемување на пензиите, а пензиите не се покачија ниту за денар. Власта која ги казнува и не реализира ниту еден проект за нив, оние луѓе кои во староста треба да имаат спокоен живот, а го немаат зошто власта не ги почитува. Време е сега вие да ја казните власта“, проача Мицкоски.

Лидерот на опозицијата во својот говор се обрати и на невработените, порачувајќи дека не треба да наседнуваат на лагите на власт која две години, како што оцени Мицкоски, само ја турка назад земјата.

„Ќе се обратам и до невработените. Не ги прифаќајте оние лаги на власта дека само што не ни тргнало подобро, а две години одиме само назад. Македонија со оваа власт инвеститорите ја заобиколуваат, а единствено има работа за фирмите блиски до власта. И знам дека седите и очајувате, и дека навидум ви изгледа безнадежна ситуацијата, но еве заеднички ви ја покажуваме надежта е почетокот на падот на оваа власт. Тоа е надежта во Македонија и предвесникот на промените кои многу скоро ќе се случат“, посочи Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ претходно се обрати директно и до земјоделците, за кои рече дека најдобро се осведочиле дека власта „стапнала на гнила штица“.

„Не можам, а да не ги споменам земјоделците, тие честити луѓе со гигантски срца кои со сурова мака и пот се грижат за своите семејства, а кои од мене ја имаат најголемата почит. Знам дека сте незадоволни и знам дека ве уценуваат со исплата на субвенции, со инспекции и разно разни проверки. Ременот постојано го стегаат, но вие најдобро знаете дека тие од власта стапнаа на погрешна штица, а вие казната ќе им ја испорачате на овие избори, а потоа заедно ќе го испратиме во пензија министерот кој шопингува патики во Дубаи додека земјоделците едвај крај со крај врзуваат. Со посебна гордост ги посетувам нашите места во Пелагонија, Струмичко, Полошко, во Малешевијата, Реканско и Овчеполието. Ја стискам чесната рака на земјоделците и ви велам во мене имате пријател, ајде заедно да се избориме за подобра иднина. Мојата борба е и ваша борба“, порача Мицкоски.