11.8 C
Skopje
четврток, март 28, 2024

Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ е кауза која е повеќе од појаничарените јуришници на власта, за чии грешки во минатото му се извинуваме на народот

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски по повод денешниот празник 2-ри Август Илинден се обрати од струшкото село Ташмаруништа.

Вчера кога напишав дека денеска ќе бидам во Маруништа, имаше и такви кои велеа види го овој не знае каде ќе оди, ќе одел во Ташмаруништа а вели Маруништа, забораваат дека ние овде си го викаме Ташмаруништа, Маруништа, затоа што ни е најубавото место на светот.

Добредојдовте на овој голем ден, за мене претставува особена чест и задоволство да можам пред вас да се обратам како што тоа го правев изминатите два Илиндена, ова ќе биде мој трет Илинден како претседател на најголемата политичка партија, да зборувам за она што следи во месеците и годините што се пред нас.
Ќе започнам со Ура! За “Афтономна Македонија”!- бидејќи тоа беа зборовите од Крушевскиот манифест кој е своевидното евангелие на македонското револуционерно дело.

Тоа е носечкиот код врз кој почива оваа Македонска држава и од тогаш до денес, секоја година на Св. Илија се празнува овој подвиг. И мене ми е особена чест што и оваа година сум во Струшко Ташмаруништа заедно да го одбележиме најсветлиот празник за Македонија. 117 години од Илинденското востание татни комитското УРА за слободна независна и автономна Македонија и 76 години од вториот Илинден кој ја печатираше желбата за слобода и ја круниса таа вековна епопеја на македонскиот народ за своја држава.
Илинденците и сето она за што се бореа е нашата света кауза поради која и постои ВМРО, и ова не се само обични букви тоа е кодот на Македонецот преточен во слова зад кои има историска големина, и ако некој мисли дека ВМРО припаѓа само на една историска генерација треба да знае дека пред се тоа му припаѓа на народот, на жените и мажите, на старите, и младите, православните, католиците, муслиманите, евреите и така ќе остане.

И ќе потсетам супстратот на ВМРО секогаш биле западните идеи и кога многумина во 19-сетиот век зборувале за монархии, цареви и кралеви, ВМРО се формираше со идеја за “Република” и поради борба за слобода. Токму таа борба за слобода го калеше жезолот на слободата во која се вградени најголемите јунаци на оваа земја и затоа нашата слобода денес не е подарена туку тешко спечалена. За нејзе гинеле мажишта, бројни браќа и сестри, се исткајувале судбини, порази, подеми и бројни битки. И затоа нашата борба за слобода има константа, се крена Илинденското востание, а потоа продолжија партизаните и затоа што тоа е продолжение на сите претходни стремежи и поради својата храброст и пожртвуваност издвојуваше победа, по што дојде слободата и создавањето на државата. А сега, сето ова е обврска која не задолжува да ја одбраниме слободата секогаш кога таа ќе биде нападната.

И знам дека и денес исто како и во тоа време има неправди, удари, подмолни струи кои треба да не обесхрабрат, втурнат во апатија, да се откажеме. Но, секој од вас, секој од нас треба да знае дека овој ден денес го славиме не затоа што илинденците се откажале, туку затоа што се бореле. А борбата за Македонија е вечна, исто како и идеалот за неа.

И ова ќе биде говор во кој ниту еднаш нема да ги спомнам со име и презиме моите политички конкуренти. За нив знаете се, на долго и широко и не би сакал ова празнување да се претвори во гола реторика на обвинувања и препирки, туку сакам да говорам за многу посуштествени работи кои стануваат сериозни проблеми во нашата држава, за состојбите кои ве мачат сите вас, за иднината која се скратува пред сите нас.
Пред малку говорев за големината на илинденските идеали и на таа грамадна големина на револуционерното дело, тоа дело е обврска за нас, но ние како држава и општество мораме да бидеме реални и да кажеме дека скршнуваме од тој пат на илинденците, затоа што карактерот на државата се обликува согласно личните интереси и амбиции на поединци.

Станавме општество на лажни величини кои се воздигнуваат на ранг на морални судии, а кои по својата основа се трули, погрешни примери и кои доколку се компарираат со вредностите на западниот свет кон кој се стремиме се апсолутно маргинални, ќе бидат отфрлени и неконкурентни. Тие самопрогласени морални судии ја глумат совеста на општеството и истураат омраза, создаваат делби, провоцираат, а всушност се маска зад која се крие немоќта на естаблишментот на власт вистински да се справи со проблемите.

Тие самопрогласени морални судии и величини се трудат да наметнат погрешна слика за работите и затоа ви се чини ненормалното-нормално, не моралното за морално, но кога ќе гребнете на површината се гледа подлабоко очајот на власта и нивната гола желба за личен конформизам и владеење.

И сега ќе се навратам на претходно кажаното, замислете Питу Гули да речеше што ми требаше сето ова, и на пола битка да си заминеше, или Даскалот Гоце Делчев да се откажеше од идејата за Македонија, или пак Ченто да попуштеше. Не би го имале ниту овој ден денес. Поентата е таа дека државата сериозно скршнува од патот на илинденските идеали и дека сето тоа е со намера за да народот биде во апатија и мисли дека сите сме исти. А не сме. Вистински не сме, затоа што тие што се исти последниве недели ги видовме на купче собрани. А денес оние кои се товар во ВМРО душмански жестоко се обраќаат кон ВМРО. Целосно свесен за нивните постапки од минатото, и целосно свесен дека токму овие жестоки по-јаничарени јуришници на власта беа и товар на партијата, сакам јасно и недвосмилено да истакнам дека јас како претседател на ВМРО-ДПМНЕ му се извинувам на народот за сите грешки и неправди кои овие луѓе ги имаат направено. Тие во ВМРО гледаат личен интерес, а јас во ВМРО-ДПМНЕ гледам кауза.

Јас повеќе не сакам да ги коментирам, верувам во народот и верувам дека народот сосема јасно разбира за што овде се работи и кој за што се бори, кој ја сака и кој работи за Македонија.

Ако оваа темнина е тунелот кој го создаде оваа власт, и во кој сака свесно да опстојуваме, јас ќе ви кажам дека има светло на крај од тунелот.

А за тоа светло вреди и треба да се бориме.
Ќе ме прашање како?
Со верба, со труд, со многу труд. И нема откажување. Секоја борба е составена од повеќе помали борби. И на крајот битно е да се оствари целта, победата да биде заслужена и остварена со сопствени сили затоа што така е нашиот код, и така победата е поголема. И доколку на тој трновит пат, се појават предизвици, се појават неправди, незаслужен пораз во некоја битка, тоа никако не значи дека треба да се откажеме. Не. Кога знаеме дека имаме добра мисла и добри намери, кога знаеме дека за правда, принципи и за Македонија се бориме, и кога веруваме во таа битка, и во тие идеали, ние ќе ја оствариме таа целта. Силна држава Македонија, земја на среќни луѓе, на семејства со насмевки, нашиот народ заслужува среќа, а не држава затворена од сите страни. Нашата земја мора да има европска иднина, а не затворени граници. Нашата земја мора да има правда, а не криминал и обвинителство кое го легитимира. Нашата Македонија заслужува подобра иднина, а не заслужува влада која преку огласи бара дивоградби, иако тие стојат пред нејзините очи. Нашата држава заслужува комплетно нова генерација на политичари и смена на транзициските ликови кои се сидрото на оваа држава. А нам ни треба едро и силен ветер да одиме напред. Тоа сите ние го создаваме и само ние сме покровители на сопствената судбина.

И многумина од тие лажни морални величини ќе речат ВМРО е поразено и готово, јас велам ништо не е готово, а ВМРО е најсилната, најцврстата и најголемата политичка организација во државата, и сите кои не потценуваат знаат дека најважните битки ги водат најхрабрите и ние ќе продолжиме да се бориме за правда, чесност и принципи. На нашето општество му треба принципи и верба. Верувајте дека можеме, дека ќе биде подобро и дека доаѓаат други одобри времиња. Мораме да ја вратиме државата на илинденските идеали, а тоа е слободата, правдата и заедништвото. Ова е наша заедничка задача, да ја вратиме среќата кај луѓето, да се врати насмевката, вербата во државата и да се потпираме едни на други. Ова е натпревар кој се игра до последната минута, па така е и со формирањето на владата. А знам дека по овој натпревар кој го играме со целото срце, и внимавајќи на честа и угледот на ВМРО и државата, ќе дојдат и други, на кој ќе победиме, затоа што само така ќе бидеме први. А нашата победа е заедничка.
Воедно сакам да кажам дека сега по изборите знам како многумина се чувствуваат денес. Огромен број луѓе чувствуваат мачнина од тешкото време и неправдите, еден голем друг дел со неверување гледаат на резултатите од изборите и пропуштената шанса и знам дека ако има можност да го вратат времето велат поинаку ќе постапеле. Исто знам дека многумина ова го сметаат за украден резултат. На сите вие ќе ви порачам дека потполно ве разбирам и сите сте во право, и нема откажување, а борбата продолжува. И јас сите вас ќе ве разочарам ако се откажам сега, и така ќе ве разочарам од прв до последен, а уште поважно ќе ја изневерам Македонија. А јас не сум тоа. Никогаш нема да ве разочарам ниту да ја изневерам државата. И затоа ние уште посилно ќе се бориме за нашата заедничка иднина. Апостолот Гоце Делчев велеше да ја бараме вербата за успех во себе и во другите, ако ја има да ја разбудиме, ако ја нема да ја создадеме.
И ова е и внатрешна битка на секој еден од вас во која треба да ја победите апатијата.

Блаже Коневски во Везилка пишуваше:

Два конца парај од срцето, едниот црн е, а другиот црвен, едниот буди морничави таги, другиот копнеж и светол и стрвен.

ВМРО-ДПМНЕ е црвениот конец создаден од историја, судбини и копнеж кој ќе го претвориме во победа.
Илинден е огнот на страствената битка за правдини, и тој е резултат на многу илиндени претходно, многу востанија и битки. И на крај Македонија победи. Затоа Петре М. Андреевски велеше нашиот народ Пиреј, а тој е троскотна трева, а некои ја викаат коштева. Ама ти колку сакаш кошкај ја, корни, ја, куби ја, таа пак не умира. Само малку да допре до земјата и пак ќе се фати, ќе оживи, ќе потера.
Македонија повторно ќе се исправи, главата горе, стаменито и гордо продолжуваме низ нови премрежја и битки за нашата заедничка среќа.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.