-1 C
Skopje
петок, февруари 28, 2020

Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да учествува во работните групи и на јавната расправа за Законот за јавно обвинителство

48

ВМРО-ДПМНЕ има сериозна намера да се донесе законот за јавно обвинителство доколку Владата, односно предлагачот има сериозна намера да ги прифати забелешките на опозицијата и ќе продолжи да учествува во работните групи и на јавната расправа.

Ова го изјави лидерот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во одговор на прашање по денешната средба со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел во Скопје.

-Ние во минатото често пати имавме забелешки на предлозите на Владата, тие на прва беа одбивани и беа црвена линија во преговорите, но потоа беа прифаќани како факт дека сме биле во право. Тоа беше и последниот случај кога им велевте немојте на ваков начин да дивеете со законите и со Уставот на оваа држава, и со писмо од притвореничката да ги префрлате предметите од СЈО во рамките на редовното обвинителство. Има процедура дајте да донесеме закон, да го донесеме тој член со кој што ќе се официјализира сето она кое што е од областа тужител заклучно со 30.06.2017 поднесено во рамките на судовите. Тогаш одлучија на таков начин и велеа дека тоа е исправно, дека тоа е согласно Законот и Уставот. Денеска, пак, во новиот предлог бараат од нас во процесите во кои што се во тек да донесеме член со кој што практично ќе се легализира она кое што беше направено на незаконит и неуставен начин, рече Мицкоски.

Тоа, прецизира, беше преносот на случаевите од СЈО во редовното обвинителство, на начин на кој што тие го направија.

-Гледаме дека се конфузни и дека практично се изгубени во целата оваа ситуација бидејќи се пред се уплашени, свесни се дека по 12 април следува одговорност за неправдата и криминалот кој што го направија изминатиот период и сега бараат начин како да се заштитат. И единствен начин им е со 80 пратеника да обезбедат заштита за Заев по 12 април, потенцира Мицкоски.

Најави дека ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да учествува во работните групи и додаде дека ќе соработуваат за се што е во интерес на граѓаните.

-Следната недела ќе има јавна дебата на која што ќе можеме да дискутираме околу текстот на овој закон на експертско ниво, на стручно ниво, ќе бидеме дел и од политичките преговори, но ќе бидеме дел и од оваа експертска дебата, рече Мицкоски.

За најавата дека и јавниот обвинител Љубомир Јовески ќе учествува наредната недела на јавната расправа и за неговото тврдење дека предлогот е добар, Мицкоски рече дека е нормално Јовевски да каже дека сега законот е добар откако за тоа добил инструкции од Медарски.

-Претпоставувам бидејќи од 27-ми до денеска имаше време Медарски да му даде и други инструкции како што тоа го правеше во минатото. Тогаш му даде инструкции на кафе пиење и оп предметите од СЈО појдоа кај него. Претпоставувам дека исти такви инструкции сега му дадоа и ете го Јовески излезе со изјава затоа што овој закон ваков каков што е вели дека е практично невозможно да биде променет. Исто како што првиот пат Медарски му даде инструкција сега ти ќе ги прифатиш, писмо ќе пише Катица, така и сега, сега ќе излезеш и ќе кажеш дека е добар законот, посочи Мицкоски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.