Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ секогаш ќе има подадена рака кон соседите, но со право да ги заштитиме интересите за Македонија

ВМРО-ДПМНЕ нема како премеирот Зоран Заев да се обидува да ги вовлекува соседбните земји во непринципиелни односи и да се служи со измами и трикови притоа ветувајќи им сѐ и сешто, но жестоко ќе ги брани интересите на Македонија, порача од Охрид во саботата вечерта лидерот на партијата Христијан Мицкоски.

„За власта, а особено за Заев ова е последната сламка за спасот. И не е незаслужено затоа што народот е против него. Тоа е последица на многу разочарувања и неисполнети ветувања. На многу порази, на многу горки чувства и подголтнувања покрај малите екрани гледајќи ги неговите пазарења, скандали и афери. Пет години е на власт и најмалку трипати вели дека ја разбрал пораката од народот и повторно продолжува по старо. Токму затоа народот е во апатија, затоа што гледа дека таквото поведение не се менува. Сите жолти картони се потрошени, на ред е само црвениот. А тој овој пат е кај народот, истакна Мицкоски, кој  од Долни Сарај во Охрид се обрати по повод празникот 23-ти Октомври, Денот на Македонската револуционерна борба.

„Сосема накратко дозволете да се осврнам на прашањето со Бугарија. Потребно е да се издигнеме над облаците на измамите и пазарењата кои ни ги носи Владата со нашите соседи. И во тој контекст немаме право да се бунтуваме против Бугарија, бидејќи природно е тие да ги штитат своите интереси, она што навистина боли е што нашата држава ја водат луѓе кои се подготвени да прифатат се, да се пазарат со се. Не е во прашање на недостиг на разбирање од двете страни, туку недостиг на мудрост од македонската влада, вели тој.

Мицкоски посочи дека таквите притисоци кон членови на историската комисија и тоа од македонскиот државен врв водат кон кавга и лоши односи и дека премиерот кога ги произведува тие ветувања кон Софија не се води од потребата за заштита на државните интереси, туку од потребата да си ја обезбеди фотелјата ден повеќе.

„Токму затоа се служи со измами кон соседите, но најважно таквите измами се кон сопствениот народ. Тој е еден човек кој е извор на стотина проблеми. Во тој контекст ќе го потсетам на резолуцијата на ВМРО која ова лето и тој ја прифати во македонското собрание. Таквите црвени линии го обврзуваат и неговото однесување кон овој спор кој пред пет години воопшто не постоеше. Треба да знае дека од наша страна како ВМРО секогаш ќе најде поткрепа на тоа што преставуваат наши позиции за заштита на државните и национални интереси, но исто така е поважно да се заменат измамите со единство на кое повикувам, при што воедно треба да се приклучи и претседателот на државата кој не е доволно да стои настрана и да се исклучува од овие проблеми. Ние како ВМРО ДПМНЕ ќе имаме искрен однос на почит и пријателство и секогаш пријателски пружена рака кон соседите, но со целосно право да ги заштитиме интересите важни за Македонија. Тоа го кажувам јасно и отворено, наместо притисоци зад камерите а насмеани при изјавите пред камерите како што тоа го прави Заев, јас кажувам отворен став за соработка и почитување, но и одбрана на она во што веруваме“, рече Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ додаде дека односите со соседите ќе ги базираат на вредности на меѓусебна почит, толеранција и ќе ги надградуваат низ полињата на взаемен интерес на народите, и во нас секогаш треба да гледаат искрен пријател.

„Ние нема како Заев да се обидуваме да ги вовлекуваме во некои непринципиелни односи, и да се служиме со измами и трикови притоа ветувајќи им сѐ и сешто. Од нас може да имаат само искрен пријател и сосед со кој ќе работат на светла заедничка нова иднина за регионот. И драги мои, сетете се добро како ви велев дека волкот влакното го менува, но карактерот не. Но овојпат е доброто е што е прочитан, и има решение. Решението е зад параванот. Вие таму сте главни, вие и вашата волја, вие и вашите соништа, вие и нашата заедничка иднина“, порача Мицкоски.