Мицкоски: Во Европа не се оди со диктирани обвиненија и нарачани пресуди

Ние не сме ја избрале државата, државата нас нè одбрала. Името нас нè одбрало, не ние него. Треба да сме горди што сме Македонци. Треба да сме честити и достоинствени затоа што само така можеме заеднички да го сонуваме македонскиот сон и тој сон еден ден да стане јаве, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од вечерашниот митинг во Свети Николе.

Јас нема да бидам од оние политичари кои што, се сеќавате, се колнеа во жицата, во најмилото, во дедовината, во татковината, дека нема да го сменат името, дека нема да го сменат идентитетот. А во првата прилика кога можеа и единствено нешто што направија во овие две години е токму тоа, промената на името и промената на идентитетот. И потоа ќе го видите како овој господин Зоран Заев седи спроти една новинарка и вели „Блескаме во светот“. Како господине Заев блескаме во светот? По принципот на Мирчо свињарникот, евро за Вицето и евро за црквата? Така не се блеска во светот, така во Европа не се оди господине Заев, рече Мицкоски.

Тој порача дека во Европа не се оди ако во оваа држава близок човек до премиерот одобри било каква работа да функционира.

Во Европа не се оди со диктирани обвиненија и нарачани пресуди. Во Европа не се оди кога велите дека живи луѓе ќе јадете. Тие во Европа не сакаат такви луѓе. Нели проблемот беше само Преспанскиот договор?  Па минатата година славевте на празните плоштади, чочеци игравте, а потоа некој друг му е виновен на Заев затоа што нема никаков капацитет во неговиот тим ниту за реформи ниту да ја поведе државата напред. Ние не блескаме, ние сме пример за срам во Европа. Луѓето се подбиваат со нас, ние сме единствената нација која што се самооткажала од принципот на самоопределување, од правото на самоопределување, порача Мицкоски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.