Мицкоски за барањето на Радев до Макрон за преговарачката рамка: Ако Владата прифати, тоа ќе значи комплетна капитулација

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, при посетата на Општина Аеродром, во врска со барањето на бугарскиот претседател Румен Радев писмени гаранции од Макрон дека Македонија ќе го испочитува договореното кон Бугарија, истакна дека ова барање на Радев базира на декларацијата од бугарскиот парламент од ноември 2019. Ако Владата прифати тоа да влезе во преговарачката рамка, тоа би значело комплетна капитулација.

„Барањето на Софија се темели на декларацијата од бугарскиот парламент од ноември 2019 и тоа да биде содржано во преговарачката рамка, најверојатно како поглавје 35. Тоа е тоа што го бара Радев и вели, додека ова не се исполни, јас не можам да дозволам да имаме прва меѓувладина и не можам да дозволам почеток на преговори. Тоа е суштината. Кога станува збор за гаранции морам да кажам дека јас бев тој првиот кој  во Македонија почна да зборува за гаранции и тогаш бев нападнат од Владата. Но, гледаме дека во таа насока се движи и секој паметен човек и патриот кој си ја сака својата држава и граѓаните, без разлика на нивната припадност, нормално е да има зрела меѓународна политика за разлика од нашата „домат дипломатија“ која гледаме дека има сериозни осцилации“, истакна Мицкоски.

Тој исто така додаде дека доколку таквото барање влезе во преговарачката рамка, тоа ќе значи комплетна капитулација, или во превод, никогаш нема да имаме европска иднина и дека ВМРО-ДПМНЕ не ни помислува да поддржи такво нешто во Парламентот.

„Ако тоа го прифати Владата, тоа значи комплетна капитулација. Да преведам, или асимилација и европска иднина, или никогаш нема да имаме европска иднина. Тоа е изборот, немаме трета опција. Да влезе тоа во преговарачката рамка подразбира, асимилација и бугаризација сега кога практично и јасно станува дека преку Охридската Архиепископија имаме многувековна различност во однос на бугарскиот и останатите балкански народи. Некој сега повторно да не враќа неколку чекори назад и повторно да прави ново предавство и нови отстапки. Инаку, Ковачевски и Османи може да си стават потпис на било што тие мислат. Јас го разбирам Османи, но не можам да го разберам Ковачевски“, потенцираше Мицкоски.