Мицкоски: За да добијат тендер повеќе ДУИ и СДСМ разгоруваат етнички тензии

„Парламентарните избори не сакам да ги коментирам бидејќи тоа беше брутална злоупотреба на здравјето на граѓаните во насока на политички бенефит на коалицијата на власт. И веќе конечно на овие локални избори покажавме карактер, покажавме од каков материјал сме направени, успеавме да рекоструктуираме партијата, можам да кажам имаме 90% нова пратеничка група, мандатот на луѓето е за првпат. Нормално тука и неколкумина пратеници кои што имаат сериозен придонес во изминатиов период во рамките на пратеничката група да пренесат искуство на институционална меморија. Имаме комплетно нова генерација на градоначалници 22 во Македонија, кои што најголемиот број од нив повеќе од 90% од нив се за првпат градоначалници. Имаме комплетно нова генерација за советници ширум Македонија, имаме комплетно нова структура во рамките на општинските комитети, во рамките на комисиите на партијата, структурата кај младите, ветераните, жените, патриотскиот институт. Ние имаме една комплетна реформа, направивме сеопфатно во партијата“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, проф. д-р. Христијан Мицкоски во гостување во емисијата на телевизија Клан.

Мицкоски се осврна и на тензиите кои ги подгреваат ДУИ и СДСМ за да добијат по некој тендер повеќе.

„Сите ние имаме една заедничка мака, а тоа е лошо живееме. Не крадат политичари, кои што за да добијат некој тендер повеќе, за да добијат некој денар повеќе во нивниот џеб од некои квази бизнисмени, подготвени се да ги злоупотребат чувствата на граѓаните без разлика на каква етничка припадност припаѓаат“, рече Мицкоски.

Мицкоски додаде дека поради тоа тој вели на граѓаните дека е време да се обедини народот во Македонија и да се споделат вредности социјални, економски, образовни, здравствени за да се направи Македонија подобро место за живеење.

„Мора овие кои што ги злоупотребуваат чувствата на граѓаните во етнички контекст да заминат во пензија политичка, и да дојде времето кога космополитите на политичката сцена, луѓето кои што се за обединување ќе ја преземат иницијативата во свои раце и ќе обезбедат подобар живот за граѓаните“, заклучи Мицкоски.