21.8 C
Skopje
среда, април 24, 2024

Мицкоски: За да се помине оваа година потребни се најмалку 2,5 милијарди евра, енергетската криза се трансформира во економска

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска од Штип, рече дека за да може да се помине оваа и следната година на Македонија и се потребни најмалку две и пол милијарди евра.

Мицкоски ова го истакна одговарајќи на новинарски прашања за тоа колку колку пари се потребни за да се преброди енергетската криза која ни претстои за да им се помогне и на бизнисот, но и на општините кои веќе алармираат дека се потребни суштински решенија.

„Ценам дека за да се помине оваа година и следната, најмалку ќе бидат потребни две и пол милијарди евра, бидејќи постепено енергетската криза се трансформира во финансиска. Најмалку две и половина милијарди евра се потребни. И сега ако ми го поставите прашањето како се потребни? Еве ќе ви направам една кратка математика. Само за затоплување во Скопје, за набавка на гас, на кој што топланите би работеле, ако користиме гас. Може ќе користат мазут, можеби дизел, тоа сепак е одлука на менаџментот на таа компанија, но ако користиме гас потребни се 250 милиони евра. На почетокот од следната година ни достасува државна обврзница во вредност од 450 милиони евра, денеска буџетскиот дефицит е околу 21 милијарда, значи некаде околу 350 милиона и имаме повеќе потрошено како држава, одколку собрано. До крајот на годината ќе стигнеме половина милијарда. Еве веќе дојдовме 500, 450, 250, веќе дојдовме до отприлика милијарда и 200. Ако на ова се стават 300 милиони што самата влада рече дека ќе им бидат потребни за набавка на струја, мазут и јаглен, доаѓаме до милијарда и половина, а се уште не сме до 2023 календарска година. Сега и во 2023 година ќе им треба повторно гас, ќе им треба повторно струја, јаглен, мазут, буџетски дефицит, затоа велам за да се преживее, сега ние не велиме за да живееме, за да преживее и граѓаните да можат да ја поминат годината ќе ни бидат потребни, најмалку две и половина милијарди евра за оваа година и за следната 2023“, објасни Мицкоски.

Истакна дека во недостаток на финансиски средства како во државата, така и во меѓународните пазари, власта не прави ништо за да ги обезбеди потребните пари. А, од друга страна, додава Мицкоски, нема ни трага ни глас од најавуваниот заем од Меѓународниот монетарен фонд од 900 милиони евра со евтина каматна стапка од 1%. Парите стануваат се поскапи, парите се помалку ги има на меѓународниот пазар и директно ја водат државата во амбис.

Мицкоски потсети дека уште во април и мај месец даваа предлози до власта што треба да се направи за полесно справување и пребробување на економско-финансиската криза, но за жал тие ништо не послушаа.

„Ние предложивме во април и во мај, тие не нѐ послушаа и ја доведоа во оваа ситуација државата. Сега би им препорачал, тоа што го предложивме во април и во мај, сега да го направат за следната година, бидејќи во овие работи, работите не се инстантни, не се денес за утре. Сега се работи за следната година, за следните пет години. Отприлика тоа е она кое што можеме да и го препорачаме на владата. Ќе има уште некои од мерките кои што ќе бидат поврзани со макро економијата, но на тоа тимот од економски експерти во партијата работи и многу скоро, од денеска, ќе излеземе со таква позиција“, рече Мицкоски.

Во однос на тоа дали Македонија ја очекуваат немири поради продлабочувањето на економската криза и немаштијата која владее кај македонските граѓани, Мицкоски истакна дека зимата ќе биде жестока затоа што енергетската криза постепено се трансформира во економска, и сето тоа се очекува да предизвика немири, а од друга страна владата не презема никакви мерки за да го ублажи сето тоа.

„Сметам, ќе биде жестока зимата бидејќи реков дека енергетската криза постепено се трансформира во економска криза и очекувам немири дека ќе има. Бидејќи и сега уште сме календарски лето, а се потешко се живее. Ценам дека периодот кој што следи навистина ќе биде тежок и предизвикувачки. Од страна на Владата не гледам некакви мерки или некакви политики со кои што ќе се ублажи сето ова. И очекувам навистина прилично сложена есен и тешка зима со многу немири“, истакна Мицкоски.