21.8 C
Skopje
петок, март 29, 2024

Мицкоски за Курир: Изјавата на Пендаровски е признание дека власта прави пустош и Заев ја води државата во амбис

е очекувам одложување на изборите, и очекувам убедлива победа на изборите. Власта е во колективна паника и е фрагментирана на десетици струи и тивки жаришта на конфликти кои во периодот што следи ќе се засилуваат. Убеден сум дека граѓаните ќе одберат обнова,a тоа ќе значи промени кон подобро и многу работа.
Интервју на Мицкоски за КУРИР: Изјавата на Пендаровски е признание дека власта прави пустош и Заев ја води државата во амбис

Во интервјуто со Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ проф-др Христијан Мицкоски за Курир.мк ќе читате за најактуелните прашања, за самитот во Загреб на Европската Народна Партија, за средбата со Борисов. За тоа кој седи позади лажните вести, и каков ќе биде одговорот на ВМРО-ДПМНЕ. За односите во судството и обвинителството, за ставовите во однос на Катица Јанева и актуелните случувања. Мицкоски ја коментира и изјавата на Пендаровски за тоа дека доколку не би бил претседател, би заминал од државата. За ова и многу повеќе во продолжението од интервјуто кое следи со лидерот на опозицијата.

КУРИР: Бевте на самитот на Европската Народна Партија, кои се вашите впечатоци, кои се пораките од билатералните средби кои ги добивте?

Мицкоски: Имав одлични билатерални средби со челниците на Европската Народна партија, но и со голем дел на креатори на политиките на Европската Унија. Средбите ги искористив да лобирам за Македонија и нејзините интереси,  и ако сега сме опозиција, но државата мора да оди напред. За неколку месеци работите ќе се променат, ќе има смена на власта, и како што знам да речам, ни требаат засукани ракави, а не шеги, ниту оправдувања. Европските челници го бараат и она што нам ни треба, реформи и стандарди. Воедно треба да бидеме свесни и да си признаеме со вакво труло судство и обвинителство каде криминалците шетаат на слобода и се прават митови од нив, нема да стигнеме никаде. И сето ова што сега го велам го кажав и во обраќањето на Самитот на Европската Народна Партија. Македонија е дел од Европа и ние таму припаѓаме и судбината на 2 милиони граѓани не смее да зависи од неспособноста на врхушката на власт, тоа не е сликата за Македонија. Криминалот и корупцијата е само слика за власта која ги запоседнала државните функции и краде од парите на граѓаните. Македонија има иднина, и пријателства кои треба да се развиваат. И има европска иднина.

КУРИР: Тука во Македонија средбата со Бојко Борисов крена прашина, власта ве интерпретира дека сте го прифатиле договорот со Бугарија, која е вистината?

Мицкоски: Имав конструктивна средба со г-динот Бојко Борисов на негово барање. Средбата ја прифатив со задоволство, затоа што верувам дека потребно е да се градат мостови на соработка, а не да се создаваат конфликти. На средбата се разговараше за актуелните теми во Македонија, во Бугарија, акцент беше ставен на иднината, но исто така и на теми кои се дел од минатото на двете држави. За дел од темите имавме исти позиции но за дел различни. Помалку непријатно беше што се снимаше почетокот на средбата каде вообичаено има неформален разговор помеѓу соговорниците кои се познаваат и жалам што нашиот политички противник СДСМ, целосно извртувајќи ја вистината, преку креирање на лажни вести се обиде да ги злоупотреби граѓаните. Никаде на средбата не го споменав договорот, тоа не може да се извлече како цитат затоа што не го кажав, но еве гледаме дека може да се прават лажни вести под владината палка и да се редат зборови во уста кои јас никогаш не сум ги кажал.  Инаку да, порано сум истакнал, му го кажав тоа и на г-динот Борисов, а еве ќе го повторам и сега дека имам намера да подржам се што е добро за двете земји, тоа подразбира дека без никакви дилеми подржувам економска соработка, да јакнеме трговски, да градиме соработка со соседите, културно, спортски, научно да соработуваме, доколку проценам дека Македонскиот народ и граѓаните на Македонија имаат интерес од тоа. Но воедно тоа значи и спротивното, дека никогаш нема да прифатам работи кои се на штета на Македонскиот народ и граѓаните на Македонија, непринципиелни барање, ултиматуми или компромиси со невистината за други цели. Јас дилема немам ниту за нашиот-македонецот Гоце Делчев и неговата борба за создавање на Македонска држава, ниту за посебноста на македонски јазик. Не сум човек кој прави компромиси со вистината, а најмалку на штета на Македонија.

И точно можеби сум нов во високата политика и со помала километража кога станува збор за билатералните средби, и можни се протоколарни слабости од кои учиме, но ве уверувам кога станува збор за суштината точно знам што говорам, за што се борам и какви интереси штитам и ќе продолжам да го правам тоа.

КУРИР: Зошто мислите дека лажната вест доаѓа од Владата?

Мицкоски: Јас не им се лутам на медиумите, ниту новинарите, напротив во сите до еден гледам партнер и соработник, но секако дека знам од каде доаѓаат овие вести, а тоа е од Владината зграда на Илинденска, а исто така го знам и мотивот, лажат зошто паѓаат од власт. Шират лажни вести за да помалку се збори за вистината, за да се стиши темата со Катица и нејзиното ослободување од затвор, за криминалците и убијците кои ги пуштаат на слобода, за да се стиши и онаа тивка но нептоценувачка кавга во СДСМ за коалицијата со ДУИ, каде кумашинот Зекири збори едно, а кумот Заев друго. За да не се збори за онаа ефтина престава за фингираната кавга помеѓу обвинителството и Апелација. Тоа е целата вистина.  И луѓето од власта се во паника, им стигаат анкетите каде губат, а разликата се зголемува, знаат дека ги минуваат последните месеци на власт и затоа мора да лажат, а не гледаат дека во жив песок тонат.  Наместо да засукаат ракавите и да решаваат проблеми, го ангажирале едниот министер од владата со измислен ресор кој граѓаните ги чини илјадници евра годишно, за чие трошење подетално ќе се позанимаваме по смената на власта, и оние советници околу Заев на кои кожата им се тресе од паѓање на власт, зошто таков неквалитет само Заев може да прибере, да пишуваат лажни вести, да ја убиваат вистината секој ден. Наместо да отворат некоја фабрика за нови работници, тие отворија фабрика за лажни вести. Но паѓаат на тестот на времето. Секоја лага им се распрсна, како онаа за имотот и уделот кој го имав со хидроцентралите, и оние десетици пресови на кои лажеа дека сум направил незаконско стекнување, а сега кога ги демантираше нивната Антикорупциска никаде ги нема ниту да се извинат. Исто како што постојано си фабрикуваат дека сум се сретнал со овој па со оној, дека сум имал некаков таен договор со Заев, можеби таков посакуваат, но јас договор со криминал на сметка на правда не правам, или пак онаа лага која им се распрсна напишана преку исечоци од повеќе руски портали или тоа дека сме биле антизападни, а  јас сум чест гостин на сите настани од европско значење и од Европската Народна Партија и од германската владеачка партија ЦДУ. И таквите лаги кои ги шират имаат за цел и да ги покријат и нивните лаги и ветувања кои ги дадоа, а никако не може да ги исполнат.

КУРИР: Каков ќе биде вашиот одговор за лажните вести, планирате ли да тужите?

Мицкоски: Засега не, затоа што тоа не не води никаде, ниту пак планирам да се спуштаме на нивото кое го имаат тие и ние да креираме лажни вести. Не планирам да водам политика на ниски страсти, тоа не е тоа што им треба на граѓаните. Јас планирам да се занимавам со вистината која за нив е поразителна, е да, за тоа нека се подготват набргу и таа воопшто нема да биде пријатна за нив.

КУРИР: Го споменавте судството и обвинителството, верувате ли дека може да има нов закон за обвинителство во кус рок?

Мицкоски: Мислам дека на државата најбрзо и треба нова влада која ќе го ослободи судството и обвинителството од стегите и притисоците. Совршено се јасни и причините зошто Заев толку силно се бореше да ги сочува специјалните јавни обвинители чија корумпираност на најголем дел од нив може да се спореди со таа на Буркина Фасо. И за да иронијата биде поголема дури и во притворските денови на Катица дознаваме дека државата префрлала државни пари на нејзината приватна сметка. Очигледно Катица Јанева знае премногу па Заев потрча да ја ослободи и од ефективен притвор, под образложение кое треба сите да не натажи дека била невработена, но нема тага кога земала илјадници евра од државата и била преплатена. Јас бев првиот кој побара и сеуште бараме истрага за трошењето на парите од страна на СЈО и испитување на сомнежот за злоупотреби кои се правеле. Кога го барав тоа, останатите општествено одговорни субјекти, пред се обвинителството молчеа. Денес кога гледаат дека истиот тој систем им се распаѓа и тие бараат истрага. Истрага треба да има, но и одговорност.

КУРИР: СДСМ вели дека сте против ветинг на судии, дали е точно?

Мицкоски: Не, не сум јас против ветингот како процес, но тој ветинг нас не ни го решава проблемот и ќе ви кажам  најпластично зошто. Главниот проблем не е само кај обвинителка како што е Рускоска, или Катица Јанева, изворот на проблемот е во постоење на премиер како Зоран Заев, кој прави брутален притисок врз судии и обвинители и врши упад во правдата. Какви и обвинители и судии да имате, кога од другата страна има премиер како Заев тој ќе си најде канал за реализација на својот политички интерес. И сакам да бидам јасен, онаа престава која ја прават за наводна кавга помеѓу Рускоска и Апелација од другата страна, е само за да се дисперзира одговорноста од Владата и Заев и да се локализира и помисли дека проблемот е помеѓу одредени судии и обвинители кои ја изигруваат и владата. Тоа не е така. И Рускоска и другите во Апелација кои се споменуваат се егзекуторите на Заев во судството. Не може никој друг освен Заев да е виновен зошто денес убиецот на Нешкоски е на слобода, зошто против Ременска и Кирацовски нема постапки за случајот Рекет, зошто Јанева постојано ја изигрува правдата, зошто Рашкоски е недопрлив, и редица други случаи. Па тоа замештелство и договарање на пресуди и одлуки го призна и самата министерка за правда Рената Дескоска која ни кажа дека се правело трговија за да им поминат уставните измени. Чекајте со ваков министер на правда, еден премиер не треба да чека да дојде 12ти април да има избори и да си замине, туку треба веднаш оставка.

КУРИР: Како ќе ги решите проблемите во правосдуството?

Мицкоски: Правосдуството мора темелно да се реформира, а премиерот не треба да биде главниот човек кој ќе кажува кој судија како треба да работи. Премиерот треба да го ослободи судството од стегите и да создаде амбиент судиите да судат без политички притисоци според словото на законите и Уставот. И сето ова ќе го имаме во нашата програма, која ќе ја понудиме на граѓаните. Но воедно мора да има и одговорност за сите неправди и кршења на законите. Одговорноста да биде апсолутна и да важи за сите подеднакво. Во изминативе години се изнагледавме случаи во судството кои се политички инструирани, и воедно треба да се отвори случај да видиме кои судии не суделе според законот  и кои обвинители слушале политички нарачки. Оние пак кои останале имуни на тоа да добијат награда. Таков еден систем ќе овозможи правда за секого, правда за секој еден граѓанин во Република Македонија.

КУРИР: Претседателот Пендаровски рече дека би се иселил од земјава да не е претседател, кој е вашиот коментар?

Мицкоски: Претседателот Пендаровски одбран од партијата која е 3 години на власт сакал да ја напушти државата зошто тука не се живеело.

Би му кажал таквото негово поразително чувство да му го каже на неговиот шеф Заев бидејќи тој три години ја води државата во амбис.

Има ли поголемо признание дека не и оди на власта, односно дека прави пустош со државата, и тоа директно од човекот коj го направија претседател со рекорд од по 3 секунди гласање во минута.

А јас кога би бил Пендаровски прво би заминал од местото претседател после вакво едно признание затоа што не прави ништо да ја смени реалноста од позицијата која ја има.

Дополнително, какво е тоа лицемерие дома, пред своите граѓани, и премиерот и претаедателот да велат дека дошол живот, а надвор, веднаш чиж ја поминат границата да велат тука нечини, треба да се заминува. Ние знаеме дека нечини, но тие се кои прават да нечини.

Значи оние кои треба да го донесат лекот ни велат најпаметно е да се иселиме, јас велам најпаметно е да ги вратиме иселените и задржиме оние кои се тука преку менување на работите и создавање на обнова која ни треба, а оние кои не доведоа до тука, прво нека одговараат за тоа што се огрешиле, а потоа нивна е желбата кај сакаат да одат.

Очигледно Пендаровски и Заев си ги поделиле задачите, и сега Стево има задача да ги собира гласовите и поддршката која Заев ја нема или ја губи, и така, слично како и во судството да си ја префрлаат одговорноста додека и двајцата се истрата страна на паричката.

КУРИР: Кои се вашите прогнози за економијата, очекувате ли подобрување?

Мицкоски: Секоја економска прогноза на владата потфрли. Имаме влада која е посветена на лажење на своите граѓани. Имаме влада која вели дека покачува плати и пензии, а всушноист им крати по 450 денари од пензиите, што на годишно ниво 5 400 денари помалку за секој пензионер и по 11 илјади денари од платите на наставниците и професорите.

Иселувањето е главниот проблем, а задолжувањето на економијата постојано расте. Заев мисли дека така може да го купи народот, да купи некој глас повеќе за да може повторно да краде. Буџетот од 4 милијарди евра е неразвоен, а каматите растат. Тој е за сервисирање на долгови и нови задолжувања. Така не се гради додадена вредност.

КУРИР: Очекувате ли одложување на изборите доколку се продлабочи Шпанската криза?

Мицкоски: Заев гледајќи ја шпанската криза не може и несака да сфати дека постои македонска криза на власта. Во која власта нема веќе легитимитет да носи одлуки. Не очекувам одложување на изборите, и очекувам убедлива победа на изборите. Власта е во колективна паника и е фрагментирана на десетици струи и тивки жаришта на конфликти кои во периодот што следи ќе се засилуваат. Убеден сум дека граѓаните ќе одберат обнова,a тоа ќе значи промени кон подобро и многу работа.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.