Мицкоски за неисплатените плати во здравството: Уште еден шокантен случај на неспособност, а владата наместо да бара одговорност ги штити директорите

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за време на денешната посета на Општина Гевгелија ја коментираше и состојбата во здравството и неисплатените плати на здравствените работници за што рече дека е шокантен случај на неспособност, а владата наместо да бара одговорност од директорите на фондот кои се од ДУИ и СДСМ, таа ги штити истите.

„Тоа е уште еден шокантен случај на неспособност којашто боли, на оваа влада на ДУИ поддржана од СДСМ. Имате двајца директори во фондот, едниот од ДУИ, а другиот од СДСМ кои што се буквално заштитени од власта за неспособноста и за ова хаотично работење. Што е резултатот од тоа? Резултатот од тоа е украдени податоци на осигуреници, немотивирани лекари, бидејќи немаат добиено месечна плата која што им следува, десетици илјади се такви и владата наместо да бара одговорност и да има разрешување веднаш тие ги штитат и директорот од ДУИ и директорот од СДСМ“, истакна Мицкоски.

Тој исто така потенцираше дека оваа акутна несподобност на власта се рефлектира на секоја област во државата и токму поради тоа потребни се предвремени парламентарни избори

„Јас би рекол акутна неспособност која што се рефлектира на секое едно поле, во секоја една област во државата и токму поради тоа се потребни предвремени избори. Колку побргу ќе имаме нова влада која што ќе ја врати довербата кај граѓаните и која што ќе ги исправи овие грешки, толку побргу на Македонија ќе и тргне“, додаде Мицкоски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.