Мицкоски: Заедно со граѓаните ќе бидеме победници на локалните избори, таа победа ќе биде влог да бараме предвремени парламентарни избори

Денеска од Берово новиот генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски упати честитка до сите граѓани за празникот Илинден, тој порача тие да бидат сполети, единствени и со непокор да одговорат на сите оние предизвици со кој во изминатиов период се соочија граѓаните на Македонија, сите оние обиди за делби и разнебитувања на македонското национално ткиво. Тој исто така им го честиташе празникот на сите кои го слават Свети Илија.

„Сонот на оваа генерација политичари во Република Македонија е Македонија да ја видат како дел од големото европско семејство, како членка на ЕУ и НАТО, но она што можеме ние да го кажеме е тоа да биде на принципиелна основа, без лицемерие и двојни стандарди. ВМРО-ДПМНЕ во изминатиов период го реализира своето т.н. „работно лето“, вчера бевме помеѓу граѓаните на Крушево и Кичево, денеска сме меѓу граѓаните на Малешево и Пијанец, односно во општините Делчево, Пехчево и Берово. Го искористивме овој момент да се дружиме со граѓаните, да можеме да дознаеме повеќе околу политиките кои треба во периодот кој следува да ги имплементираме на терен, да видиме, да се соочиме со одредени сугестии и совети, па зошто да не и критики, кои што ќе бидат темел и основа да можеме што подобро да ги подготвиме програмите за претстојните локални избори“, изјави Мицкоски.

Рече дека она за него што посебно значајно и го загрижува, а од што граѓаните се револтирани од страна на водењето на Владата на СДСМ и ДУИ и од политиките кои тие ги имплементираат.

„Постои сериозна разочараност, постои сериозна загриженост, но тоа претставува само мотив плус за нас како одговорна политичка партија да поминеме што повеќе време меѓу граѓаните, да научиме од она што нив во моментов им смета, да им помогнеме, да ги поддржиме во нивното секојдневие. Заедно со нив на следните локални да излеземе како победници, уште еднаш како што тоа често пати го правеше ВМРО-ДПМНЕ во минатото. Таа победа ќе биде влог веднаш по локалните избори да бараме нови предвремени парламентарни избори, во коишто ВМРО-ДПМНЕ повторно ќе ја земе палката да управува со Владата на Република Македонија“, порача Мицкоски.