Мицкоски: Заев без размислување посегнува кон криминал, ако ѝ мисли добро на Македонија треба веднаш да се повлече

Од снимките на разговорите со руските пранкери, целата јавност слушбна како премиерот Зоран Заев без да размисли ниту една секунда посегнува кон криминал и подмитување, и доколку тој барем малку добро ѝ мисли на Македонија, треба веднаш да распише предвремени парламентарни избори, бидејќи државата оди во погрешна насока, оцени лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во интервјуто за телевизијата Алсат-М.

„Веднаш без никаква дилема без никакво двоумење, посегнува кон незаконски дејанија, кон криминал подмитување итн. И тука не се мисли ни секунда, вели да да во кеш. Но потоа видовме дека тие пари всушност не биле наменети за подмитување туку требало да бидат еден вид донација за изградба на црква“, рече Мицкоски.

Потенцираше дека сето тоа е нешто слично на тоа што јавноста го виде години наназад кога Заев беше градоначалник на Струмица по принципот на ‘Мирчо свињарнико’т, па така овие пари најверојатно требало да завршат во депото на Вселенската патријаршија, кај патријархот Вартоломеј.

„Претпоставувам нешто слично по принципот на она што го видовме години наназад како градоначалник на Струмица по принципот на Мирчо свињарникот. бидејќи јас не не знам и не можам да набројам многу политичари кои во моментот располагаат со 150.000, односно да бидам попрецизен откако доби попуст 100.000 евра во кеш“, нагласи Мицкоски.

Во продолжението на разговорот опозицискиот челник вели дека поради сето претходно кажано, како и поради севкупната ситуација во земјата, којашто ја оцени како лоша, мора што поскоро да бидат распишани предвремени парламентарни избори.

„Лошо е во државата, лошо се живее, овој начин на функционирање е погрешен, ова што се случува и што е денес секојдневие мора да заврши со предвремени парламентарни избори. Тоа е добро не само за него, ако ѝ мисли барем еден процент од тоа што се декларира и го кажува во јавноста добро на државата, треба тоа да го направи заедно со коалициониот негов партнер ДУИ“, рече Мицкоски.

Посочи дека оваа ситуација е неодржлива и ги преминува сите нормални граници на една политичка нормала здрава средина и затоа Заев треба се одвои од обожавателите и од сите оние кои што секојдневно се околу него поради реализирање на сопствени и лични себични интереси и да размисли неколку часа што прави.

„Затоа јас на една изјава пред еден или два дена кога беше онаа стенд ап претстава во владата на прашање на ваши колеги реков дека веднаш треба да седнеме сите ние како политички лидери да ги организираме нашите пратенички групи и да повикаме на предвремени парламентарни избори“, истакна Мицкоски.

„Нека помине Заев неколку часа сам и нека подразмисли што прави, иднината на државата е во прашање, ако ние продолжиме вака да функционираме тогаш каде ќе ни биде крајот. кажав и во една моја колумна дека на глупоста ѝ нема крај. Ако ние продолжиме вака да функционираме тогаш каде ќе ни биде крајот. Кога човек мисли дека го допревме дното, гледам сум бил песимист, овие луѓе се подготвени да копаат подлабоко уште повеќе„, потенцираше Мицкоски.

Рече дека за Заев треба да се тргне на момент од обожавателите и тие кои го убедуваат да нема предвремени избори затоа што имаат недовршени бизнис или пак камионите им се ваму, плантажите со марихуана таму или пак не им се дособрани процентите од некои луѓе.

„Затоа апелираме уште некое време за разум, да се седне да се повикаат пратеничките групи, да се поразговара во Собранието, да се организираат предвремени парламентарни избори, граѓаните нека одлучат дали овие политики на политичари, вакви какви што се уценети,корумпирани, помалку или повеќе исмеани во јавноста ќе ја добијат поддршката на граѓаните или ќе дојде некоја нова генерација политичари во Република Македонија“, додаде Мицкоски.