Мицкоски: Заев кажува дека го навеле да краде, небаре е мало дете

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денес оствари средба со граѓаните и членовите на месниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Горно Лисиче.

Мицкоски посочи дека имаме работа со криминогена влада и власт која гледа за личната корист, додавајќи дека Заев не може да се извлече од скандалите кои сам си ги креираше.

-Вчера го гледам несмасно пред судот кажува како го навеле да краде, небаре е мало дете, а во истата таа снимка кажува дека и од други барал средства по истиот принцип, за да им заврши работа на луѓето. Дефинитивно криминогеноста е заштитен знак на владата, вели Мицкоски.

Тој на средбата истакна дека економијата во државата стагнира и додека целиот Свет и Европа имаат раст на БДП од 4 или 5%, нашиот бруто домашен производ е еднаков на нула.

– Ликвидноста е на катастрофално ниско ниво, индустриското производство бележи негативни рекорди, градежништвото за 20% е послабо од тоа што било во истиот период од минатата година. Имаат помалку 100 милиони евра странски директни инвестиции од тоа што било претходна година која што патем речено не беше од тие кои беа поуспешни. А денес имаме уште еден многу лош податок според кој капиталите расходи од Буџетот во првиот месец од оваа година се со реализација од 1%, а заклучно со вториот месец се на нив од 4%. Ако немате капитални расходи не може економијата никако понатаму да расте, вели Мицкоски.

Мицкоски нагласи дека ако се продолжи со оваа динамика оваа година и наредната 2019 ќе бидат многу тешки години бидејќи само за 2018 година досега има 566 милиони евра задолжувања, депозитите моментално се за 214 милиони евра помали споредено со 31 мај кога ја превземаа власта, а монетарното злато намалено за 12.5 милиони евра споредено со 31 мај. Тој потенцираше дека најмногу загрижува тоа што немаат идеи, а се што беа проекти од минатата власта се стопирани.

Претседателот Мицкоски потенцираше дека ситуацијата на полето на економијата е многу лоша.

Мицкоски очекува дека ваквата ситуација во државата ќе се продлабочува и ќе се интензивира во периодот што следува бидејќи владата на СДСМ нема визија, идеја и програма.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.