Мицкоски: Заев не вложува во капитални инвестиции за да може да купува гласови

Премиерот Зоран Заев, како неформален министер за финансии намерно не ги троши сите пари за капитални инвестиции за потоа со оние кои ќе останат директно да ги префрлува како трансфери до граѓаните, односно гласачите, исткана во неделата на прес-конференција Христијан Мицкоски, челникот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

„ Преку Буџетот Зоран Заев има намера да ги корумпира граѓаните и гласачите, затоа стана и министер. Капиталните расходи по половина година се само дваесетина проценти Ќе останат неинвестирани 500 милиони евра и тие пари ќе одат за трансфери месеци пред избори играјќи на картата на кратко помнење на граѓаните“, рече Мицкоски.

Додаде дека иако не се трошат пари за капитални инвестиции, задолжувањата за таа намена продолжуваат и на годишно ниво, како што вели Мицкоски, од 16 милијарди денари. Како што вели тој, овие пари не се инвестираат туку се чуваат за да им се дадат директно на потенцијалните гласачи и дека опозицијата тоа нема да го дозволи.

„Сите меѓународни финансиски и политички претставници ќе ги информираме дека на следните парламентарни избори доаѓа до промена на Владата на Репубика Македонија и ваквите авантуристички проекти нема да ги поддржиме и затоа може ќе дојде до знак прашање нивното реализирање“, додаде Мицкоски.

Посочи дека еврообврзницата која Владата ја планира за изградба на новиот Клинички центар во вредност од 500 милиони евра ќе биде всушност наменета за „ситно корумпирање“. Додаде дека економските параметри за првата половина од 2019, според Мицкоски, доколку Заводот за статистика „професионално ги одработи резултатите, тие ќе бидат катастрофални“.

„Ситуацијата во Буџетот е катастрофална. Во првите шест месеци се проектирани приходи од 43,4 милијарди денари, а биле наплатени само 39,3 милијарди денари. Во јуни 16 отсто е помала наплатата од планираната. Ќе ја повторам тезата дека живееме во два паралени света со господинот Заев, оној неговиот што е многу помал и оној на граѓаните во беспарица“, рече меѓу другото Мицкоски на конференцијата за медиумите посветена на економските состојби во земјата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.