Мицкоски: Загрижувачки се информациите за редефинирање на Македонија во бинационална држава, Ковачевски да не се осмелува да прави дополнителна штета на македонскиот идентитет

Тоа што ме загрижува е дека до мене доаѓаат информации дека не се зборува само за внесување на она минимално бугарско малцинство во Преамбулата на македонскиот Устав, туку се зборува и за целосно редефинирање на Македонија како држава, да биде бинационална држава во која ќе постојат два народи, неколку етнички заедници кои сега се дел од народ во рамки на Преамбулата на македонскиот Устав и сето останато кое ќе биде над одреден процент поврзан со минатогодишниот т.н. попис да бидат малцинство, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски при денешната посета на Кавадарци.

Мицкоски посочи дека тоа се разговара на комисијата и им фали уште да ги исцртаат границите и Македонија формално да биде федерална држава.

– Да внимава Ковачевски што ветува, ние знаеме неговата концесија кон главниот играч во владата а тоа е ДУИ, е голема, таа финансиска, знаеме дека добива одредени финансиски надокнади за ова да го прави, но за сето тоа ќе се зборува после изборите, бидејќи сето ова се само информации. Затоа е многу важно да остане достоинствен, месеци се во прашање и да не прави дополнителна штета на македонскиот идентитет, рече Мицкоски.

Мицкоски посочи дека нејасно е зошто се формира комисија за уставни измени бидејќи прво треба во Парламент да се усвои потребата за отворање на Устав, доколку тоа не се случи не се знае која би била улогата на оваа комисија и на овие скапо платени експерти зошто ќе земаат месечни хонорари.

Мицкоски истакна дека новата влада на ВМРО-ДПМНЕ, покрај што ќе има задача да ја развие Македонија онака како што прилега, ќе треба да поврати и голем дел од македонскиот идентитет кој оваа влада на ДУИ и СДСМ го продаде.